Долгометражниот игран филм „Ес­ко­рт“ на наградуваниот хрватски режисер Лукас Нола, направен во копродукциска соработка со „Скопје филм студио“, ќе има македонска премиера во рамките на годинешното издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Филмот ќе биде прикажан како дел од програмата „Специјална селекција“ во Центарот за култура на 25 септември, понеделник, од 17 часот.
Приказната го следи Миро, кој за време на службено патување, за првпат во животот, вечерта ја поминува со ескорт-дама што некој ја испратил во неговата хотелска соба. По страсниот секс, тој ја наоѓа девојката мртва во тоалетот. Успешен, среќно оженет и татко на две деца, Миро ја прикрива несреќата со помош на двајца вработени во хотелот, кои набрзо почнуваат да бараат од него да им ја возврати услугата. На почетокот, тоа се мали нешта, но наскоро нивните барања почнуваат да излегуваат од контрола. Двајцата соучесници во неговото „злосторство“ одеднаш добиваат голема улога во неговиот живот, кој никогаш повеќе нема да биде ист.
– Ароганцијата, примитивизмот и насилството – од институционален, политички, економски, верски и културен вид – доминираат во општеството и ги диктираат речиси сите негови правила. Оваа доминација не е секогаш гласна и очигледна; често е прикриена и речиси незабележлива, но секогаш е тука. Мојата немоќ и немоќта на луѓето околу мене ми создаваат премногу фрустрации. Мојот гнев кон себе што ја прифатив оваа ситуација е инспирацијата што ме натера да ја напишам и снимам оваа приказна – изјави Лукас Нола во режисерската експликација за филмот.

Лукас Нола, покрај тоа што го режираше „Ескорт“, е исто така и автор на сценариото по кое е снимен филмот. Тој дипломирал филмска режија на Академијата за драмски уметности во Загреб. Неговата кариера ја обележуваат осум играни филма и две мини ТВ-серии. Неговиот претходен филм „Молчи“ (2013) е прикажан на фестивали во Португалија, Франција, Индија, Египет, Полска и многу други земји, а за култниот филм „Небо, сателити“ (2000) беше награден со „златна арена“ за најдобра режија. „Ескорт“, кој критиката го смета за негово најзрело и највозбудливо дело, е последниот филм на Лукас Нола, кој почина минатиот октомври. Како режисер, Нола бил истражувач, номад и сеопфатен. Неговите дела се многубројни и се одликуваат со различни квалитативни карактеристики. Останува запаметен како еден од најталентираните режисери во Хрватска, кој има голем придонес за хрватската кинематографија. Неговите филмови во еден момент функционирале како мало движење на отпор кон просечниот консензус на хрватската кинематографија во 1990-тите.

Авторски потпис на филмот ставаат и Фране Памиќ како кинематографер, Славен Зеќевиќ – монтажа, сценографијата е на Иван Вељача, костимографија -Жељка Франуловиќ, шминка – Мојца Горогранц Петрушевска, автор на оригиналната музика е македонскиот композитор Александар Пејовски, а дизајнот на звук е на Игор Поповски. Продуценти на филмот се Хрвоје Перван, Драган Јуриќ и Анкица Јуриќ Тилиќ, а како копродуценти се потпишуваат Томи Салковски и Фатмир Спахиу.
Главните улоги ги толкуваат Живко Аночиќ, Крешмир Микиќ, Никша Бутијер, Хрвојка Беговиќ, Игор Ковач, Хрвоје Баришиќ, Пашко Вукасовиќ и Лена Медар.
„Ескорт“ е копродукција на „Кинорама“ од Хрватска со „Скопје филм студио“ и „Бука продукција“ од Косово, а е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, ХРТ и Косовскиот центар за кинематографија.
Светската премиера на „Ескорт“ се случи на 18 јули годинава, на јубилејното 70-то издание на Пулскиот филмски фестивал во Хрватска, каде што доби две награди „златна арена“, за најдобра споредна машка улога на актерот Крешмир Микиќ и за сценографија на Иван Вељача, додека на Лукас Нола му беше доделено специјално признание од оценувачкиот суд на „Киномрежа“.