„Преспанет“, мрежата на еколошки невладини организации посветени на зачувување на природното и културното наследство на прекуграничниот слив на Преспанско Езеро, наврши 10 години постоење! Основана во 2013 година од три организации со богата историја на зачувување на природата во регионот – Друштвото за заштита на Преспа од Грција, Македонското еколошко друштво и Заштита и зачувување на природната средина во Албанија (ППНЕА) – „Преспанет“ значајно го унапреди зачувувањето на регионот.
Неколку од значајните достигнувања на мрежата се поефективниот ангажман на локалните заедници и регионалните засегнати страни преку формирањето канцеларии во Преспа на сите три страни од сливот, заедничкото зачувување на ретките животински и растителни видови и живеалишта во регионот и развојот на прекуграничната стратегиска рамка за зачувување на Преспа, која ги истакнува приоритетите за невладините организации во заштитата на скапоценото природно наследство на областа.
За да ја одбележи својата 10-годишнина, „Преспанет“ организира уникатен настан на тромеѓата, во срцето на Големото Преспанско Езеро.
– Ова е точката на која се пресекуваат трите граници и точката од која започнува нашата соработка! Држејќи се за раце, ја потврдивме нашата посветеност за зачувување на уникатниот карактер на Преспа и ветивме дека ќе продолжиме цврсто да работиме со партнерите, властите и локалните заедници за да обезбедиме одржлива иднина на ова непроценливо еколошко и културно богатство. Сместен на раскрсницата на Албанија, Македонија и Грција, регионот Преспа е уникатно еколошко богатство, кое е дом и на извонреден биодиверзитет и на богато културно наследство. Мисијата на „Преспанет“ е да ја зачува природата и за луѓето и за дивиот свет. Во текот на изминатата деценија, „Преспанет“ неуморно работеше на зајакнување на прекуграничната соработка помеѓу невладините организации и органите за управување со заштитените подрачја. Мрежата отсекогаш истакнувала дека соработката е клучна за успехот на напорите за зачувување и негувала блиски партнерства со сите власти одговорни за зачувување на извонредната природа, пејзаж и култура на сливот – информираат од МЕД.