Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) разви вештачка интелигенција што може да го препознае потенцијалниот развој на рак на дојка неколку години пред да биде откриен со мамограф, пренесува „Си-ен-ен“.
Докторот Лари Нортон, кој работи на проектот, објасни како функционира оваа технологија. Имено, станува збор за компјутерско потпомогнато детектирање што постои од крајот на 1990-тите години, но технологијата постојано се подобрува.
МИТ користеше вештачка интелигенција за да го предвиди развојот на рак на дојка. На фотографиите од моделот што го произведува може да се види дел од ткивото што беше идентификувано како област со висок ризик, која четири години подоцна се претвори во рак.
– Има многу абнормалности на фотографијата што ја гледате, но тие се всушност промени што не се рак. Не можеме сѐ да наречеме рак бидејќи тогаш секој што оди на мамограм би морал да оди на биопсија. Тоа не е многу практично. Она што го прави МИТ е да ги идентификува областите со висок ризик пред да развијат рак на дојка. Она што човечкото суштество може да го направи, а машината не, е да нарача дополнителни тестови како мамографи со контраст или магнетна резонанца – објасни Нортон.
Тој истакнува дека вештачката интелигенција е само уште една алатка што им помага на радиолозите подобро да ги толкуваат наодите.
– Овој тест нема да ја замени работата на радиологот. Ова е медицина и мора да се прават индивидуални процени на пациентите – заклучи тој.
Пред две години, тим научници од Лабораторијата за компјутерски науки и вештачка интелигенција на МИТ и клиниката „Џемил“ демонстрираа систем за длабоко учење за да се предвиди ризикот од рак користејќи само мамограм на пациентот. За таа цел, тие го адаптираа нивниот алгоритам „Мираи“ за да ги опфати уникатните барања за моделирање на ризикот.
„Мираи“ ги моделира факторите на ризик на пациентот во повеќе идни временски точки и може опционално да користи клинички фактори на ризик, како што се возраста или семејната историја, доколку се достапни. Алгоритамот е исто така дизајниран да произведува предвидувања што се во согласност со малите варијации во клиничките поставки, како што е изборот на апарат за мамографија.