Фото Стефан Рајл („Спектакулум продукција“)

Во салата на Македонската филхармонија на 29 октомври блузерката со српско потекло Ана Поповиќ, со својата група, овенчана со светска слава, го одржа концертот на годината. Концертот беше во рамките на светската турнеја „Power Tour“ и имаше регионален карактер, поради тоа што концертот во нашата држава беше единствен во регионот за целата турнеја. На оваа турнеја Ана Поповиќ го промовира својот најнов албум „Power“, а концертот беше во организација на продукцијата „Спектаклум“.
Вечерта Ана покажа како се пее и свири, како се управува со својата група, како се комуницира со публиката како вистински лидер. Потврда на нејзиното лидерство е секако и изборот на членовите во групата, составена од двајца дувачи, басист, тапанар и клавијатури. Покрај тоа што клавијатуристот физички личи на Реј Манзарек од „Дорс“, и неговите клавијатури го имаат истиот звук. Дувачите беа на ниво на задачата, но она што го покажаа тапанарот и басистот беше неверојатно, таа ритам-секција толку квалитетно ја држеше заднината, носејќи го ритамот, боејќи ја музичката слика што ја создаваше Ана, така што во одредени моменти ми звучеше како да ги слушам најдобрите моменти на момците од Јамајка, Слај Данбар и Роби Шекспир.

Концертот почна тивко, мирно, публиката во некаква неизвесност, ретко кој знаеше нешто повеќе за музиката што дошол да ја слуша. И како што почнаа да се редат песните, така публиката почна да живнува. Песна по песна, малку блуз, малку рок, малку соул, малку џез, мешавина од сѐ и сешто од нивниот репертоар, и полека почна да се чувствува поврзувањето помеѓу публиката и изведувачите. Ритамот на движење на репертоарот на песните секој момент таа вечер беше сѐ пожесток, она што почна мирно, дојде до прекрасна возбудлива средина, за на крајот да заврши во неверојатна гласна епопеја, воспевање на блузот и на џезот. И тие што не ги слушале нејзините песни и тие што не се обожаватели на оваа музика, но и тие што ја слушаат со години, стануваа, ракоплескаа, бурно френетично реагираа, а на тоа Ана одговори уште пожестоко и поенергично.

На крајот никој не сакаше да си замине, имаше овации од целата публика, сите беа на нозе, бараа бис и добија. На бис се појави и мајсторот Влатко Стефановски и заедно направија невидена завршница. Концерт за паметење, концерт што ќе остане како мерило/критериум како треба да изгледа вистински концерт отсвирен со душа, концерт што ги погоди срцата на македонската публика. Секоја чест. Свирењето на гитарата и пеењето на Ана се нешто посебно, автентично, што е разбирливо ако се знае искуството на Ана Поповиќ (повеќе од 28 години во музичката индустрија), стекнато насекаде низ светот со различни музичари (дури свиреше и слајд-гитара во белградската група „Пилоти“), која за нејзината смисла за ритам и слух е наградувана за најдобра пејачка, гитаристка, најдобар албум, најдобар деби-албум, џез-артистка на годината, женски блуз-артист на годината… Нејзините фотографии ги красат насловите на магазини како „СФЛ мјузик магазин“, „Блуз мјузик магазин винтиџ гитар“, „Американ блуз син“, а не може секој да биде на насловна на највлијателните музички списанија за блуз, џез, соул, тоа место е резервирано само за посебните.
Ана Поповиќ е родена во Белград, а денес живее во САД.

Почнала да свири гитара на 15 години, а во 1995 година го формирала блуз-бендот „Хаш“. По заминувањето во Холандија, за да студира џез-гитара, Поповиќ основала своја група, почнувајќи соло-кариера во 1999 година. Првиот албум го објави во 2001 година и оттогаш редовно соработува со врвни американски музички продуценти и настапува на најголемите блуз-фестивали низ светот. Таа има издадено 11 албуми, вклучувајќи го и првиот со групата „Хаш“ во 1998 г., а завршувајќи со последниот „Power“ од 2023 г., кој сега го промовираше како дел од својата светска турнеја. Некому природата му дала глас, некому стас, некому памет, но Ана неверојатно прекрасно и богато ја наградила со сите атрибути, кои таа ни ги подарува нам преку својата музика. Едвај го чекам нејзиниот следен концерт, тука, во Македонија.

Љупчо Давчев