Делата од ликовната колонија „Галичник“ пред публиката

Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ вечерва, во 19.30 часот, ќе бидат претставени делата создадени на ликовната колонија „Галичник“. Изложбата е насловена „Сега е време“.
– Визуелните дела создадени на 33-та и 34-та сесија на ликовната колонија „Галичник“ и овој пат се движат околу еколошки теми, како суштествени теми за кои „сега е време“ гласно да се дискутира на сите можни начини, бидејќи доколку не успееме со посуштествени системски промени да влијаеме врз промена на свеста и врз менување на девастирачката моќ на капиталот, тогаш ќе треба „да молчиме засекогаш“, односно ќе бидеме немоќни да направиме каква било промена и подобрување на животните услови – вели Ана Франговска, кураторка и претседателка на здружението што ја организира колонијата.
Според неа, уметноста е важна и може заедно со природните и хуманистичките науки да се користи за да се размислува за еколошката правда.
– Ангажираната уметност за предизвиците на животната средина може да ја преиспита политиката и да го политизира пристапот на уметноста кон заштитата на животната средина. Директните и критички јавни изјави на уметниците поттикнуваат разговори за екосоцијалните кризи и политиките за одржливост и создаваат нови модели на фер работа со животната средина. Уметниците ги истражуваат природните и културните комплексности, нагласувајќи ги политичките аспекти на екологијата, одржливоста, социјалната правда и економската еднаквост. Тековните уметнички позиции и модели на дејствување комбинираат експериментален и перцептивен ангажман со постколонијална етичко-политичка практика – додава Франговска.
На темата за одржливоста своите дела ќе ги претстават: Нина Ковачева, Валентин Стефанов, Игор Сековски, Ласе Лоренцен, Славица Јанешлиева, Гоце Наневски, Правдољуб Иванов, Марта Стисјак, Зоран Тодоровиќ.
– Специфичните уметнички практики, како што е еколошката уметност, и секојдневните практики, како што е пешачењето, ја илустрираат релевантноста на естетиката на одржливоста. Поимот „неодржливост“ ги карактеризира повеќедимензионалните нивоа на современата глобална цивилизациска криза. Повеќето автори што говорат за оваа криза ги истакнуваат нејзините еколошки, социјални и економски димензии – вели кураторката.
На темата колонизација/деколонизација на природата ќе бидат претставени делата на: Ефи Фурики, Филип Велковски, Калин Серапионов, Јелена Владушиќ, Иван Блажев, Пенка Минчева, Аница Вучетиќ, Ларс ден Хертог.
– Користењето на природните извори без никаква стратегија и план ќе нѐ доведе до неурамнотежена природа и цели екосистеми што го „паметат нападот“ ќе почнат да ги враќаат ударите во различни форми и облици. Сведоци сме на многу пандемии и ендемии, земјотреси и цунами, пустошење на земјата, области, градови и труења што доаѓаат од самата земја, како рак-рани на почвата – вели Франговска за темата на овие дела. В.Д.