Фото: З.А.

За да се искористат повеќето неискористени површини во градот, ЕЛС Кичево превзеде акција да ги култивира оплемени овие простори и да овозможи нивна поголема функционалност и искористеност. Така, деновиве во тек е интензивна акција на рекултивација, нивно преуредување, по што овие делови од градот ќе бидат целосно во служба на најмладите жители на градот.

Последните неколку години во градот речиси да немаше ниту едно детско катче, иако претходно ги имаше десетина. Детски игралишта беа украдени или искршени реквизитите и овие простори воопшто не беа во функција на децата.

-На повеќе локации во градот презедовме акција за преуредување на повеќе простори, кои до сега не беа во функција на месното население. На овие локации веќе се засадени листопадни и зимзелени стебла а деновиве се очекува да бидат поставени и реквизити за забава на најмладите жители на градот. Со овој зафат сметаме дека ќе се подобри целокупниот изглед на градот а најмладите ќе добијат катчиња каде ќе можат да се рекреираат и да поминуваат дел од времето. Се надеваме дека овие игралишта, кои се во интерес на нашите најмлади сограѓани, граѓаните ќе ги чуваат од оштетување и кршење, во спротивно ќе ја доживеат судбината на претходните детски игралишта кои повеќе не постојат – велат од општина Кичево.

Во исто време тече изградбата на пензионерско катче по должината на улицата „Борис Кидрич“. Ако послужи времето и ова катче ќе биде завршено до средината на декември. З.А.