„Хјундаи мотор груп“ работи на важен проект, а тоа е ровер наменет за употреба на Месечината. ХМГ објави дека го започна развојот на лунарниот истражувачки ровер, кој треба да го добие првиот модел до средината на 2024 година, односно конечната верзија подготвена за лансирање до 2027 година.
Компанијата ќе користи компоненти од своите производители на автомобили „Хјундаи“ и „Киа“, што значи дека роверот ќе користи различни технологии позајмени од возила од овие брендови, како што се електрични мотори, тркала, батерии, делови за суспензија, камери и слично. Долниот дел на роверот ќе ги содржи различните компоненти на групата, додека горниот дел ќе носи научни товари за копање, ископување и истражување.
Роверот исто така ќе има можности за термичко управување и заштита од радијација за да ја „преживее“ суровата лунарна средина. Групацијата се надева дека еден ден ќе го спушти својот ровер во близината на јужниот пол на Месечината за да спроведе експерименти. Ќе има соларен погон, како и можност за автономно возење, а ќе тежи околу 70 килограми.
Меѓутоа, пред роверот да стигне до Месечината, ХМГ ќе спроведе детални тестови за изведба засновани на мисија во средина слична на површината на Месечината. Целта е да се развие разновидна мобилна платформа, која ќе може да носи различни оптоварувања и да извршува научни задачи.
ХМГ не е сам во овој потфат, туку соработува со јужнокорејски истражувачки институти и разни организации. „Хјундаи“ е сопственик и на компанијата за роботи „Бостон дајнамикс“.