Најновите откритија на научниците покажаа дека гасот метан можеби не ја загрева Земјата толку многу како што се мислеше

Метанот е моќен гас, кој апсорбира зрачење со долги и кратки бранови должини, со конкурентни ефекти врз климата, и се испушта преку голем број човечки активности, вклучувајќи го и сточарството, пренесува „Сајенс њуз“.
Досега се сметаше дека ја загрева Земјината атмосфера 28 пати посилно од јаглерод диоксидот, но дека неговата апсорпција на сончевото зрачење високо во атмосферата ги менува облаците.
Најновото истражување на научниците, објавено во научното списание „Нејчр џиосајенсес“, покажа дека сончевата апсорпција на метан, наместо да додаде уште повеќе топлинска енергија во атмосферата, како што претходно се мислеше, предизвикува каскада од настани што го намалуваат неговото севкупно затоплување за околу 30 проценти.
– Ова се навистина интересни и важни резултати – рече Рејчел Бајром, климатски научник во Центарот за меѓународно истражување на климата во Осло.
Таа не беше вклучена во истражувањето, но вели дека метанот и понатаму останува клучен гас на кој науката мора да се фокусира за да ги намали емисиите.
Најголеми извори на антропоген метан се употребата на фосилни горива, сточарството, одгледувањето ориз, депониите и согорувањето биомаса, а научниците стравуваат дека затоплувањето може да предизвика топење на вечниот мраз во арктичките региони, што исто така може да доведе до зголемени емисии на метан, бидејќи микробите во почвата консумираат мртов растителен материјал и ослободуваат гас.

Гасовите на стаклена градина како метанот ги вршат своите најсилни ефекти со апсорпција на инфрацрвено зрачење „долг бран“ што се емитува од површината на планетата. Научниците дознаваат дека стакленички гасови, вклучувајќи го и метанот, исто така апсорбираат дел од сончевото зрачење со кратки бранови.
Меѓутоа, новата студија открива дека апсорпцијата на метанот со кратка бранова должина има спротивен ефект, а тоа откритие се заснова на детална анализа на апсорпцијата на гасот на различни бранови должини.
– Резултатот е контраинтуитивен – вели климатологот Роберт Ален од универзитетот „Риверсајд“ во Калифорнија, додавајќи дека тоа се случува поради начинот на кој апсорпцијата на метан со кратки бранови влијае на облаците во различни слоеви на атмосферата.
Кога метанот апсорбира зрачење со кратки бранови во средната и горната тропосфера, над околу три километри, дополнително го загрева воздухот, што доведува до помалку облаци во тој горен слој. И бидејќи метанот апсорбира зрачење со кратки бранови високо, помалку од тоа зрачење продира надолу во долната тропосфера, што всушност ја лади долната тропосфера и доведува до повеќе облаци во тој слој.
Овие погусти облаци на ниско ниво рефлектираат повеќе од сончевото зрачење со краток бран назад во вселената, што значи дека помалку од ова сончево зрачење стигнува до површината на Земјата,каде што се претвора во зрачење со долг бран.
– Со апсорпцијата на метанот со кратка бранова должина очекувате затоплување на климатскиот систем. Но овие приспособувања на облакот всушност го надминуваат затоплувањето поради апсорпцијата, што доведува до ефект на ладење – рече Ален.
Ален и неговите колеги ја спроведоа студијата користејќи компјутерски модел на климата на Земјата и кога го презеле традиционалниот пристап на разгледување само на апсорпцијата на метанот од долгите бранови, тие процениле дека гасот предизвикал затоплување од 0,2 Целзиусови степена уште од прединдустриското време, од вкупно затоплување од 1,06 степен. Но, кога ја вклучиле апсорпцијата на кратки бранови, придонесот на метанот за затоплување паднал на околу 0,16 Целзиусови степени. Освен што ја загрева планетата, научниците веруваат дека метанот ги зголемува и глобалните врнежи, поради поголемото испарување на водата при повисоки температури.