МКЦ-Скопје на 24 и 25 април е домаќин на завршниот настан во рамките на „Биг тајм тејковер Еразмус“. Гости се партнерите од Италија, Велика Британија, Кипар и Полска. МКЦ од јуни 2021 е дел од овој значаен меѓународен проект, развиен преку „Еразмус KA2“ – програма за соработка и иновација и размена на добри практики на Европската Унија за стратегиски партнерства, кои вклучуваат образовни програми за млади. Проектот има цел да ги поттикне младите да ги користат својата креативна моќ и потенцијалот на модерната технологија за да проговорат за прашањата што ја засегаат заедницата. МКЦ во овој проект ја согледува можноста да ги вклучи младите во креирање содржина што е во рамките на проектните активности и цели, но најмногу во интерес на сегашната итност во креирање грижлив пристап кон природата. Резултат на уделот во проектот на МКЦ е прекрасната „Градиднина“.

Јавниот дел на програмата се состои од отворање изложба во Галерија 2 во МКЦ, денеска, во 18 часот, која нуди можност да се запознаат учесниците и да се претстави документацијата на активностите на сите партнери од проектот. Од Македонија ќе биде претставен трудот на ученичката Ева Божиновска од СУГС ,,Никола Карев“ во Скопје, која ја напиша приказната „Гаја и градината“, дистописка претстава за свет во кој се губи контактот со природата, која потоа беше илустрирана од Елена Апостоловска, Мирјана Спасоска и Јана Стефановска, ученички во втора година во средното уметничко училиште ДСУЛУД ,,Лазар Личеноски“ во Скопје, на одделот за мултимедиуми. Во тек е подготовка на публикација што ќе биде промовирана пред јавноста во текот на мај. Утре, со почеток во 10 часот, во киното „Фросина“ ќе се одржи завршната конференција. Воведен збор ќе има Марга Арсова, координаторка на проектот, заедно со Христина Иваноска и Јане Чаловски, визуелен уметници и ментори. Ќе следува презентација на Хајан ал Халаби, познавач во областа на пермакултурата и соработник во проектот „Градиднина: Градината како инструмент, пермакултура како методологија“.