Во текот на оваа недела продолжува програмата на „Танц-фест“ со четири кореографски остварувања. Во циклусот современи кореографи, вечерва, во 20 часот, на сцената на киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, публиката ќе може да ја види претставата „16 чекори до земјата“ на грчката танцова компанија „Априори“. Веднаш потоа следува претставата „Код #9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола. Во рамките на оваа програма, на 28 април, во 20 часот, на малата сцена на Националната опера и балет ќе ја видиме претставата „Одења и слични кореографски решенија“ на Филип Петровски, со која се затвара фестивалската програма.
На 26 април, во рамките на фестивалот, во Македонскиот народен театар, во 20 часот, ќе се изведе најновата премиера на Рисима Рисимкин и „Скопје танцовиот театар“ – „Леди Магбет“. Музиката за претставата ја направи композиторот Тони Китановски, сценографијата е на Матеа Мијановиќ, а костимите се на Благој Мицевски. Настапуваат танчари на „Скопје танцовиот театар“ и Катедрата за танц при универзитетот „Гоце Делчев“. „Леди Магбет“ е селектирана на фестивалот „Шекспир фринге“ во Верона, Италија, каде што ќе има светска премиера на 29 август, на сцената на театарот „Камплој“.
Во годинешното, деветнаесетто издание на „Танц-фест“ публиката имаше можност да ги види извонредните танчари на танцовата компанија „Кодартс“, гости од Холандија, и на танцовата компанија „Далас Блек“, гости од Соединетите Американски Држави. Беа претставени и кореографски остварувања на гости од Италија, Романија и Словачка. Фестивалот претставува и платформа за промоција на млади домашни кореографи, па, така, досега во програмата беа претставени Адријана Данчевска, Дејан Битровски и Бобан Русески со продукциите на „Скопје танцовиот театар“.