Вечерва, во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Звукот на новата генерација“ со студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје. На програмата се дела од Моцарт, Дитерсдорф, Лобос, Шостакович и Сен-Санс и Џејкоб. Диригент е маестро Сашо Татарчевски.

Како солисти ќе настапат Кристина Љушкоска (флејта, четврта година, класа: Страшо Темков), Ивона Давидовска (контрабас, трета година, класа: Александар Поп Христов), Андреј Ѓоршевски (гитара, четврта година, класа: Борче Наумоски), Ивона Стојанова (пијано, четврта година, класа: Марија Ѓошевска), Бојан Димитровски (пијано, втора година, класа: Дино Имери), Ангела Николовска (пијано, трета година, класа: Катерина Гелебешева-Костадиновска), Дарко Гроздановски (виолина, четврта година, класа: Олег Кондратенко) и Виктор Богоевски (тромбон, трета година, класа: Димче Белчовски).

На концертот ќе бидат доделени и награди за музичка критика на студенти од Факултетот за музичка уметност што учествуваа на работилницата „Музичка критика“ и присуствуваа на концертот „Благден“ со диригентот Вања Ѓумар Николовски, на кој беше изведена грандиозната Симфонија бр. 5 од Густав Малер. Студентите напишаа критики, кои потоа беа оценувани од жири, кое ги избра најдобрите, а на концертот в четврток ќе им бидат доделени награди на најдобрите. Работилницата се реализира како соработка помеѓу Филхармонијата и Факултетот за музичка уметност и има цел да се поттикнат продукцијата и интересот за пишување музички критики меѓу младите.