Од 6 до 15 јуни, во просториите на Југословенската кинотека во Белград се одржува јубилејното 25. издание на Фестивалот на нитратен филм. На фестивалот на кинотечни остварувања ќе бидат прикажани вкупно 43 остварувања од 23 земји на Европа, Азија и Северна Америка. Во тие рамки, третиот ден на јубилејната манифестација, на 8 јуни, Кинотеката на Македонија ќе се претстави со посебна програма што вклучува претставување на првите три македонски, краткометражни играни филмови снимени во далечната 1957 година.

Станува збор за 18-минутните филмови „Бунт на куклите“, според сценариото и снимателската работа на Љубе Петковски во режија на Димитрие Османли, „Сонце зад решетки“, според сценариото (според сопствениот расказ „Едно жешко јулско пладне“) и во режија на Славко Јаневски, со снимателот Бранко Михајловски, како и за 25-минутниот „Подарокот на веселиот молер“ што според расказ на писателот од Војводина, Михаљ Мајтени, го режирал Димитар Ќостаров, додека снимател е Киро Билбуловски. Трите филма беа предвидени да го сочинуваат првиот македонски омнибус филм. Трите филма биле снимени истата година, но не биле споени во замислениот омнибус за кој македонската кинотека поседува повеќе документи и написи. Меѓу другото убаво сведоштво е и една од знаменитите колективни карикатури на Василие Поповиќ-Цицо, при што се претставени авторите и соработниците на првиот македонски омнибус.