Второто издание на фестивалот на класична музика „Класичен меѓународен фестивал Струмица 2023“ заврши успешно во НУЦК „Антон Панов“ – Струмица. Пред присутната публика се обрати Васил Атанасов, селектор на фестивалската програма и идеен творец на фестивалот, наш познат уметник со меѓународно реноме.

Фоајето на Центарот за култура беше преполно од публика и одеднаш се претвори во волшебно место каде што свиреа на харфи ангелите на дуото „Селена“ (Кохар Андонијан и Лилијана Стоева) од Р Бугарија. Во тој миг не знаевме дали се наоѓаме во реално време во фоајето на НУЦК или лебдиме над облаците со звуците на келтските харфи. Келтските харфи не се обични инструменти, тие се прастари кралски инструменти на кои свиреле членови на кралските семејства како што покажува историјата за овие инструменти. Кралот на Англија, Чарлс, e голем обожавател на овие инструменти и покровител на фестивалите, натпреварите и концертите на кои се свири на божествени келтски харфи. Концертот започна во тивка, нежна и прекрасна атмосфера, а композициите се нижеа и се прелеваа како виножито на сино небо: Хендел, Вивалди, Томас, Андрес, Салцедо, Ортиз… Секоја композиција беше наградена од публиката со громогласен аплауз, онака како што посакува секој уметник изведувач со желба и исчекување на секоја следна прекрасна композиција. Се случи неверојатен флуид помеѓу публиката и уметниците. Сите беа воодушевени и побогати за едно ново искуство од звуците на келтските харфи. На крајот публиката беше наградена со прекрасен бис, кој ги воодушеви струмичани, беше изведено познатото дело „Под кулите на Струмица“, во аранжман на В. Атанасов – К. Андонијан, а публиката возврати со громогласни и френетични аплаузи на радост и задоволство.

Лилијана Стоева е родена на 12 декември во Софија. Дипломирала на НМУ во 2004 година на насоката харфа, во класата на д-р Кохар Андонијан. Своето образование го продолжил на Новиот бугарски универзитет кај проф. Малина Христова, проф. Сузана Клинчарова и д-р Кохар Андонијан, каде што дипломира во 2017 година, а подоцна во 2022 година и магистрира. Од 2018 година работи како наставник по харфа во националното музичко училиште „Л. Пипков“. Лилијана Стоева има награди и дипломи од меѓународни натпревари и мастер-класови. Кохар Андонијан е роденa во Софија, Бугарија. Во 1990 г. дипломиралa на националната музичка академија „Панчо Владигеров“, насока харфа и педагогија, во класата на професорката Малина Христова. Од 1990 г. до 1992 година работелa како оркестарски солист во оркестарот на музичкиот театар „Стефан Македонски“. Од 1993 година до денес е наставник по харфа и камерна музика во националното музичко училиште „Љубомир Пипков“. Кохар Андониан е добитник на многу награди за педагошки достигнувања, како и на титулата „Амбасадор на мирот“ од УНЕСКО.

Најголемиот дел од програмата на второто издание од фестивалот на класична музика „Класичен меѓународен фестивал Струмица 2023“ беше посветен на камерната музика и се одвиваше на неколку локации во Струмица. Идејата е поттикната од група професионални музичари од Филхармонијата, Операта и колеги од музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, оформени во здружение на граѓани со наслов на фестивалот, а со цел да се направи еден интересен фестивал, единствен од таков вид кај нас, презентираjќи претежно камерна музика во различни состави. Идејата за фестивалот со задоволство ја прифатија и ја поддржаа градоначалникот на градот и Советот на Општина Струмица, со цел фестивалот да стане традиционален.
Елисавета Бончева