До 16 јуни ќе биде поставена изложбата „Кревки спомени“ на Марија Јаќовска во Мобилната галерија.

Изложбата претставува истражување на хиперженствениот поглед, кој се пренесува преку меки и меланхолични композиции, кои допираат до темите на љубовта, загубата и осаменоста. Употребата на детска естетика и пренаменети рамки за слики покриени со восок и украсени со разни тракатанци додаваат слој на кревкост и меморија на делата. Под влијание на Лана Дел Реј, Џејн Биркин, францускиот нов бран, Силвија Плат, Софија Копола и други влијанија, оваа изложба ги поканува гледачите во сонувачки и носталгичен свет на женски копнеж и нежност.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура и од Центарот за современи уметности.

Марија Јаќовска е студентка во четврта година на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, на графичкиот оддел. Наедно со графиката ги истражува современите уметности, фотографијата и скулптурата. Описот на делата што моментално ги работи се графики изработени во комбиниран висок и длабок печат, обично прикажувајќи ѕвезди, срца или месечини. Ги комбинира овие форми манифестирани во детски стил на цртање со изглед на разиграна композиција, заедно со мултимедијален пристап кон обликување на рамките во кои се ставени, за да добие дело што е комбинација на скулптура, графика и слика. Има учествувано на повеќе групни изложби, од кои би се истакнало освоеното второ место на изложбата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ во 2022 година.