Во рамките на 57. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп се одржa промоција на книгата „Две интерактивни драми“ од Милорад Павиќ во превод на Марио Стојаноски.

За книгата ќе зборуваат драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, актерот Томислав Давидовски и преведувачот Марио Стојаноски.

Милорад Павиќ (1929 – 2009) е романсиер, раскажувач, поет, драмски автор и историчар на литературата. Една од најзначајните фигури во југословенската и српската книжевност на 20 век. Меѓу извонредно плодното творештво, за најзначајни негови дела се сметаат романите „Хазарски речник“, „Предел сликан со чај“ и „Последната љубов во Цариград“, збирките поезија „Палимпсести“ и „Месечев камен“, десетиците збирки раскази, како и драмите „Кревет за тројца“, „Стаклениот полжав“ и „Засекогаш и ден повеќе“. Добитник на завиден број регионални и светски награди.

Преведен на повеќето светски јазици. Кандидат за Нобелова награда за литература.
Оваа книга, „Две интерактивни драми: Кревет за тројца и Стаклениот полжав“, е обид пред македонската читателска публика да се претстави драмското творештво на овој исклучително плоден автор и со тоа да се комплетира сликата за неговите сестрани книжевни остварувања. „Кревет за тројца“ е драма што посегнува по првата приказна на човештвото, онаа за Адам и Ева, и што низ низа мотиви обработува севременски прашања и проблеми: бракот, семејството, положбата и улогата на мажот и жената во домот и во општеството, а и рамнотежата помеѓу доброто и злото. „Стаклениот полжав“, пак, претставува редица заемно поврзани работи што се случуваат на Бадник и отвораат теми како љубовта и дарежливоста. Повикувајќи се на разни мотиви од книжевно-историското минато на светот, што несомнено е карактеристично за Павиќ, оваа книга повлекува временска дијагонала во обработката на темите на мошне остар и мајсторски начин.