Промовирана „Патина“ на Тихомир Јанчовски

Промовирана книгата „Патина“ на Тихомир Јанчовски во издание на „Стрип квадрат“. Корицата е на Филип Херин.
– Останувајќи верна на структурната тројственост, книгата е поделена во три главни целини, кои нѐ водат низ граѓата и преѓата на авторскиот дом, како во материјална така и во духовна смисла. Првиот дел, Патина (состојба на куќата), е вешта плетка од меѓусебни сличности на куќата и телото како човечки дом, придружено со размисли за нивната состојба, градба и одржување. Во вториот дел, Градина (состојба на дворот), излегуваме од преиспитливиот однос на авторот кон самиот себе и го сведочиме освестувањето на неговото чувство за надворешниот свет и другите луѓе – на целовитоста на куќата во зависност од нејзиниот двор, околина, градина… Третиот дел, Стамина (состојба на темелите и покривот), е еден вид кулминација на авторската свест за заедничките борби, кои овоземните жители ги имаат во однос на своето прифаќање како индивидуи, но и како делови од заедничкиот дом кој го делат… налик на покривот и темелите без кои преостанатиот дел од куќата би бил само убава градба осудена на краткост и неодржлива стаменост. Со ваквиот аналитичен осврт кон себето, однесени сме на прошетка низ личното подземје и надземје на Тихомир, во кои тој го (ре)открива својот личен пат во испреплетеноста на „овој“ и „оној“ свет. Со синтезата, пак, на сродните човечки индивидуалности во една споделена целовитост, го сведочиме освестувањето на авторското чувство за припадност во свет што нуди победа над себето, но не како резултат на самопобедување. Токму со таа сетилност Јанчовски нуди сосема ново доживување на концептот на „пат околу себе за живот дена“. Со тоа не само што го оправдува пристапот на реоткривање на животните врски и смисли низ дневничко-исповеднички записи туку останува верен и на иницијалното ветување кон читателот за прозно заедничарење, потпирајќи се на зборот како на трет сопатник – пишува Тања Аждаја за книгата.