Промоцијата на книгата „Секоја работа надвор од уметноста е губење време“ на уметникот Доротеј Нешовски, во културниот центар „Јадро“, беше дополнета и со просторна инсталација на авторот, специјално направена за оваа пригода. Цртежите претставени во новата уметничка книга на Нешовски, во издание на „Јадро“, се осврнуваат на прашањата и мислите со кои уметникот се соочува во општеството, кое е поставено на начелата со дадени егзистенции на мисла и состојба. Поголемиот дел од циклусот на цртежи претставени во книгата, Нешоски го создавал додека работел на штанд на Лотарија во еден скопски трговски центар. Како подлога за своите секојдневни записи, мисли и брзи крокија, тој користи хартии од искористени игри на среќа, како и други летоци и пропагандни материјали пласирани од разните корпорации.
– Овие цртежи се дел на „изјавата“ на личноста, изразена низ форми на медиум во кои се гради структурата на мојот визуелен јазик, преку кој правам обид да ги разоткријам противречностите на современото општество. Во голема мера сакав да размислувам и да рефлектирам на позицијата на уметникот во општеството, предизвикот да се занимава со својата професија, но и борбата за егзистенција што нѐ принудува да правиме голем број компромиси. Дали ние во нашето општество се трудиме да ги решиме проблемите со кои се соочуваме или се наоѓаме во ситуација на постојан статус кво – вели авторот на книгата.
Доротеј Нешовски (1989, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот за вајарство со поднасока сценографија (2012 г.). Неговата книга „Уметноста не е тоа што сакате“, издание на „Приаветепринт“ од Скопје, излезе од печат во 2017 г. Живее и работи во Скопје. Од 2015 г. активно организира и конципира детски работилници во Детскиот креативен центар при МКЦ.