Свесни сме за предизвиците што ги носи пандемијата, но свесни сме и дека културата игра фундаментална улога во нашето општество, велат организаторите

И покрај построгите мерки во борбата против пандемијата што се воведуваат во Германија, годинешниот Берлински филмски фестивал, сепак, ќе се одржи со присуство на публика, но со изменет програмски концепт, соопштија од раководството на „Берлинале“.
Свесни сме за предизвиците што ги носи непредвидливиот тек на пандемијата. Но свесни сме и дека културата игра фундаментална улога во нашето општество – велат од управата на фестивалот.
Посетителите на фестивалот, како професионалците, така и пошироката јавност, ќе можат да влезат во кината само доколку ги исполнат т.н. 2Г + правила. Тоа значи дека е дозволен влез само за вакцинирани лица или оние што го прележале ковид-19, со дополнително прикажување негативен тест. Засега не е познато дали наместо тестирање, ќе биде прифатена потврда за третата доза од вакцината. За време на престојот во кината ќе биде задолжително носењето маски.
Исто така, претставите за стручната публика, кои претходните години се исполнуваа по принципот на редоследот на пристигнување, сега ќе може да се погледнат само со претходно купена карта.

Без приеми и традиционални забави

Капацитетите на кината ќе бидат исполнети само до 50 отсто, одлучи управата на фестивалот, по претходен договор со берлинскиот здравствен комитет. Променет е и концептот, така што самиот натпреварувачки дел ќе трае од 10 до 16 февруари, кога ќе бидат претставени победниците.
Другите фестивалски денови до 20 февруари ќе бидат резервирани за пресек на фестивалската програма и ќе бидат наменети исклучиво за општата, а не за стручната публика. Инаку, победниците се прогласуваат на претпоследниот ден од фестивалот, додека последниот ден е резервиран за пошироката јавност.
Исто така, поради пандемијата, годинава по филмските премиери нема да има ниту приеми ниту традиционални забави. Некои делови од фестивалот, како што се Европскиот филмски саем или програмата Млади таленти, ќе се одржуваат исклучиво онлајн.

Фестивалот го отвора филмот на Франсоа Озон

Минатата година „Берлинале“ се одржа во два дела: првиот дел можеше да го следи професионалната публика во март, а вториот дел од фестивалот се одржа во јуни, на отворено, за поширока публика.
Раководството на фестивалот најави дека фестивалот ќе го отвори филмот „Питер вон Кант“ на францускиот режисер Франсоа Озон.
За отворањето на годинешниот фестивал, избравме еден филм што треба да внесе малку леснотија и жар во нашето мрачно секојдневие – изјави Карло Чатријан, уметнички директор на фестивалот.
Поради наглото влошување на епидемиолошката состојба и брзото ширење на варијантата омикрон на вирусот, сѐ уште не се знае дали ќе има претставување на филмските ѕвезди на црвениот тепих пред свечените премиери.