Фото: Марко Шолиќ

Во чест на Аки Рахимовски

Во чест на Аки Рахимовски, денес во 15 часот, кога во Загреб ќе се одвива церемонијата на испраќањето на легендарниот пејач, шест македонски радио станици во исто време ќе го емитуваат последниот сингл на „Парни ваљак“ – песната „Поново“, последната песна на фронтменот на култниот бенд.

Од церемонијата во Загреб

Песната „Поново“ во Македонија ексклузивно ќе се емитува во 15 часот на националното радио Метрополис Радио Мрежа, како и на радио Бубамара, Скај радио, Супер радио од Охрид, како и на две интернет-радио станици – Анторис радио, и радио Мост.

„Кроација рекордс“ и „Парни ваљак“ во спомен на Аки ја покренаа иницијативата преку која, на посебен начин, се простуваат од неповторливиот пејач. Повеќе од 150 регионални радио-станици во исто време ќе го емитуваат синглот, и на тој начин, ќе испратат последен поздрав до музичкиот великан.

Синглот „Поново“, авторско дело на Хусеин Хасанефендиќ Хус, требаше да претставува најава за новиот албум на „Парни ваљак“, и за нивната скорешна голема турнеја…

– Најзначајниот рок бенд на нашите простори со песната „Поново“ се збогува со човекот чиј живот беше музиката, кој со својата неуништлива енергија стана синоним за врвен фронтмен и пример за повеќе генерации. Аки наеднаш нѐ напушти, но неговиот дух и глас ќе останат засекогаш впишани во сите нас кои пораснавме со „Парни ваљак“, се заљубивме, се смеевме и плачевме – се вели во заедничкото соопштение на „Кроација рекордс“ и на „Парни ваљак“.

Голем број скопјани синоќа се собраа во центарот на Скопје, пред „Пелистер“, да му оддадат последна почит на својот сограѓанин Аки Рахимовски. Многумина од нив дојдоа да запалат свеќа, да напишат последен поздрав во книгата на жалост, уште еднаш да го слушнат неговиот неповторлив глас, кој ги отпеа големите хитови на „Парни ваљак“, а тие навистина се многу на број. Со групата тој сними дваесетина албуми, но издаде и свој соло носач на звук.