Фото: Маја Јаневска-Илиева

Минималната плата во моментов изнесува 15.194 денари

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска најави дека минималната плата до 18 илјади денари ќе се покачи во најбрз можен рок, додека до 20 илјади денариќе се покачи до крајот на нејзиниот мандат, најави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Но, таа не прецизира кој би бил најкусиот рок за покачувањето на минималната плата до 18 илјади денари, туку истакна дека прво треба да се постигне договор со социјалните партнери за да се дојде до решение кое ќе биде во интерес на сите засегнати страни.
Таа најави дека в понеделник на Економско-социјалниот совет со социјалните партнери, со синдикатите и со работодавачите ќе биде отворено ова прашање.
На тој состанок ќе присуствуваат и вицепремиерот Фатмир Битиќи и со министерот за економија Крешник Бектеши.

-За тоа се води дијалог со социјалните партнери со коишто ќе отвориме дебата, да видиме и за двете страни кој е тој рок што одговара. Се надевам дека во текот на февруари ќе се свика и Еконономско-социјалниот совет на којшто ќе зборуваме за покачувањето на минималната плата-изјави Тренчевска.

Сојузот на синдикатите со месеци наназад бара минималната плата да се покачи на 18.000 денари. Минималната плата во моментов изнесува 15.194 денари, и според податоците на Сојузот на синдикати околу 110 илјади вработени во земјава ја примаат најниската плата.