Традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените, насловен „Љубов, страст – фламенко!“ ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во Македонската филхармонија. Диригент е Кристијан Васкез од Венецуела, а како солистка ќе настапи фламенко-пејачката Марина Ередија од Шпанија. На програмата се дела од Лорка, Де Фаља и Гинастера.
– Годинава традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените го посветивме на исклучителната шпанска форма на танц, песна, инструментална изведба – неповторливото и секогаш возбудливо фламенко! Оваа форма на песна/пеење е динамична, застрашувачка, екстатична, но во исто време и спонтана и медитативна. Во музиката има драматични промени на расположенија, динамика и темпо што бараат внимание и емпатија. Станува збор за т.н. длабока песна, како што ја нарекол познатиот шпански поет и композитор Федерико Гарсија Лорка – велат од Филхармонијата.
Родена во Гранада, Марина Ередија пее уште од своето детство. Таа соработувала со познати шпански фламенко-уметници, како Аркангел и Ева Јербабуена, и на уметнички проекти, како во операта „Де аморе“ од Маурицио Сотело, која премиерно беше изведена во престижниот аудиториум „Карл Орф“ во Минхен и во театарот „Зарзуела“ во Мадрид. Оттогаш нејзината кариера ја води на најзначајните светски сцени како: театарот „Де ла Маестранца“ во Севилја, театарот „Гранд“ во Кордоба, „Карнеги хол“ во Њујорк, Палатата на музиката во Стразбур, Кристалната палата во Порто. Во 2004 година ја добива наградата „Андалузиската младина за уметноста“, за нејзината улога во промовирањето на андалузиското фламенко во светот. За нејзиниот фламенко-албум со нови класични песни ја доби наградата за најдобар фламенко-албум.
Кристијан Васкез е еден од најпрофилираните музички таленти од Венецуела, кој гради успешна интернационална кариера. Познат по својата харизма на сцената и по моќните изведби и музичкиот интегритет, Васкез продолжува да го привлекува вниманието на светската јавност како еден од највпечатливите диригенти на денешнината. Во сезоната 2013-2014 година Васкез станува шеф диригент на Филхармонискиот оркестар во Ставангер (Норвешка), со кој потпишува четиригодишен договор, кој му е продолжен уште две години – до 2019 година. Со него оркестарот беше на неколку исклучителни турнеи во Скандинавија, Русија, Германија и Холандија. Во 2010 година дебитира со Израелската филхармонија, по покана од Зубин Мехта. Во изминативе години активно настапува со водечките симфониски оркестри во светот, а му беше асистент диригент и на Густаво Дудамел во поставувањето на новата продукција на Моцартовата опера „Свадбата на Фигаро“ во Париската опера, како и во поставувањето на Вагнеровата „Тристан и Изолда“, на истата оперска сцена. Васкез соработувал со врвни музичари, како диригентот Сајмон Ратл, виолинистот Франк Петер Цимерман, трубачот Пачо Флорес, меѓу другите – и со нашиот најдобар пијанист Симон Трпчески.