Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја назначи Ангелина Димоска-Миташева за нова в.д. директорка на Филхармонијата. Таа доаѓа на местото на Даниел Лазаровски, кој на оваа функција беше назначен во септември, откако министерката за култура ги разреши дотогашната директорка Тина Иванова и Управниот одбор.
Ангелина Димоска (р. 1975 година, Скопје) дипломира на отсекот по музикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на Сотир Голабовски. Работела и во весниците „Вечер“ и „Време“ како новинарка и музичка рецензентка и во Третата програма на Македонското радио. Од 2006 година работи во ребрендираното издание на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ како новинарка и музичка рецензентка. На страниците за култура на редакциите на „Вечер“, „Време“ и на „Нова Македонија“ постојано објавува рецензии за концерти од областа на класичната музика, голем број интервјуа со домашни и странски уметници, како и проблемски, есеистички и текстови со социјален контекст врзани за актуелните случувања на домашната и на светската музичка сцена. Објавувала текстови и рецензии во специјализираното музичко списание „Музика“, во „Културен живот“ и во списанието „Театарски гласник“, во кое објавува осврти на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Коавторка е и на електронската книга „Мали портрети на седум големи композитори“ во издание на ЦЕМ, објавена во 2015 година, посветена на автори што ѝ припаѓаат на средната генерација македонски композитори. На третиот конкурс за музиколошки трудови, СОКОМ го откупи нејзиниот труд „Јана Андреевска – првата македонска композиторка“, во коавторство со музикологот Тина Иванова.
Ангелина Димоска досега беше ангажирана да работи како советничка за односи со јавноста и маркетинг во Македонската филхармонија.