Македонската пијанистка Ана Велиновска ја одушеви швајцарската публика со својот настап во Зудпол Луцерн, каде што изведе дело од македонскиот композитор Гоце Коларовски. На програмата беа и дела од композиторите Фредерик Ржевски и Дмитри Коурлиандски. Настапот на Ана Велиновска беше испратен со долг аплауз од публиката во престижната концертна сала.
Ана Велиновска е една од најбараните пијанисти на најголемите и најреномирани фестивали во Европа за современа музика, со голем број светски премиери зад нејзиното име. Имено, пред изведбата на делото „Вечерен ѕвон“ од големиот македонски композитор Гоце Коларовски во Луцерн, пијанистката Ана Велиновска изведе и светска премиера со дело на еден од најеминентните швајцарски композитори, Урс-Петер Шнајдер, на фестивал во Берн.
Ана Велиновска e македонска пијанистка и изведувачка на современа музика. Образованието го стекнува на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Универзитетот во Луцерн, Швајцарија. Таа е дипломирана пијанистка, магистерка по музички науки, магистрантка по пијано-интерпретација, односно специјализантка по интерпретација на современа музика.
Последна во низата успеси, награди и признанија беше стипендијата (парична награда) во Цирих, Швајцарија, што ја доби лани. Стипендијата ја доби со многу напорна работа и голема посветеност во своите интерпретации на делата од современата музичка литература, светските премиери што успеа да ги реализира во Швајцарија во изминатиот период, а истакнати интелектуалци (музиколог, композитори и пијанисти) со светско реноме, кои се и универзитетски професори во Швајцарија и во Австрија, застанаа зад неа со свои препораки. Од нејзините досегашни настапи може да се издвојат настапот на фестивалот „Луцерн“ и соработката со композиторката Ребека Саундерс (која е добитничка на реномираната награда од фондацијата „Ернст фон Сименс“, т.е. на Нобеловата награда за музика). Секако тука се и претставувањата во земјите од германското говорно подрачје, каде што има изведено значајни современи дела или, пак, светски премиери, како фестивалот „Анаморфози“, фестивалот „Звуци на Алпите“, концертниот серијал за современа музика „Чекор преку границата“, гостувањето на 100-годишниот јубилеј на фестивалот „Денови на музиката во Донауешинген“ (најстариот и најпознат фестивал за современа музика во светот), поголем број подиуми за современа музика, концертниот серијал „Композиции за изведувачи/Изведби за композитори“, фестивалот за современа музика „Без граници“, фестивалот „Начин на перцепција“.