Самостојно претставување на уметницата Тања Балаќ ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во објектот на „Чифте-амам“, во организација на Националната галерија на Македонија. Станува збор за комплексен концепт – видеоинсталација насловена „Вкрстени избори“, која се состои од слика, фотографија, инсталација и видео.
Текстот во каталогот за изложбата е на Ивица Џепаровски и се однесува на експерименталниот филм со наслов „Знаци на вкрстување“, оформен врз основа на ликовната подлошка на сликарските дела на Тања Балаќ и на анимацијата и визуелните ефекти на Никола Дрвошанов. Филмот неодамна е селектиран од огромниот број пристигнати дела од страна на стручното жири во рамките на 13. издание на интернационалниот фестивал за видеоарт „Магмарт“ од Неапол, Италија. На тој начин овој седумминутен филм, заедно со уште 31 сродно дело, стана составен дел од постојаната колекција на музејот ЦАМ и на „Магмарт“, меѓународен фестивал на видеоарт на кој во изминатите години учествувале повеќе од 1.400 уметници од над 80 различни земји од светот.
На отворањето на изложбата во „Чифте-амам“ ќе се обратат директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова, и универзитетскиот професор Ивица Џепаровски од Филозофскиот факултет.
– На границата и на преминот од сликарството кон ангажираниот документарен филм, но и кон уметничкиот видеоарт, може да се толкува последното остварување на Балаќ, филмот „Знаци на вкрстување“, дело што е во непосредна творечка и имагинативна врска и со нејзините претходни документаристички и видеоарт остварувања… А тому овој последен филм на Балаќ како да отвора и едно многу поинтригантно прашање сврзано за односот меѓу уметноста и стварноста, имено, што се случува кога се остварува вкрстувањето на брзината и на забрзувањето на светот – со возвишеноста и со бавноста на уметноста и на видеоартот? – пишува Џепаровски.