Не е пријатно кога се спомнува зборот ѓавол, а уште помалку сатана. Но постојат голем број неговите интересни уметнички прикази низ историјата. Издвојуваме некои од нив.

Византиски син ѓавол
Најраните претстави на ѓаволот, или сатаната, всушност се во сина боја. Добар пример за тоа е мозаикот во базиликата „Сан Аполинаре нуово“ во Равена (Италија). Во центарот се наоѓа Исус Христос облечен во виолетова боја. На левата страна има црвен ангел – симбол за оние што се спасени, а од десната син (или паднатиот) ангел – симбол за оние што се проколнати.

Средновековен хибриден ѓавол
Сатаната од средниот век обично бил бизарна комбинација од различни животни, што резултирало со визуелен изрод демон. За разлика од прекрасните ангели, ѓаволот им пркоси на законите на природата, па имал повеќе глави, пилешки нозе, големи уши, канџи, рогови, заби, крзно…

Ѓаволот на Копо ди Марковалдо
Околу 1280 година, овој италијански уметник го направил најголемиот приказ на сатаната во Европа. Од телото на ѓаволот лазат змии, кои ги голтаат грешниците. Овој вид иконографија има свои корени во староегипетското божество наречено Бес, преку старогрчкиот бог Пан.

Заробениот Луцифер на Корнелис Гале
Данте Алигиери во своето книжевно дело „Пеколот“ опишал дека сатаната има моќни крилја без пердуви, слични на оние на лилјакот. Ѓаволот бил заробен во леденото јадро на земјата, исто како што го насликал уметникот Гале во 16 век.

Ѓаволот птица на Хиеронимус Бош
Во богатата слика „Градина на земските наслади“ на холандскиот сликар Хиеронимус Бош, пеколот е претставен многу конкретно. Во мрежата од различни необични сцени се појавува и ѓаволот. Тука тој е чудна птица на тронот, која голта луѓе. Наместо круна, на главата носи котел, поради што го нарекуваат принцот на пеколот.

Ѓаволот јарец на Албрехт Дирер
Гравурата наречена „Витезот, смртта и ѓаволот“ зборува за подмолниот сатана што непречено оди по Земјата. Имено, тој стои зад смртта во форма на јарец и слободно, но крајно застрашувачки го следи витезот.

Ѓаволот јарец на Франциско Гоја
За време на прогонството на вештерките, сатаната претрпе уште една трансформација. Тоа јасно се гледа на сликата на Гоја, каде што ѓаволот седи во центарот, опкружен со жени што го гледаат. Има венец на главата и црвени очи, кои гледаат право во набљудувачот како да велат дека се подготвува нешто злобно.

„Мрачниот“ витез на Томас Стотард
Бидејќи сатаната првично бил ангел, уметниците во 18 век го прикажувале како човек. Англискиот сликар Стотард отиде чекор понатаму, па за време на Француската револуција го облече ѓаволот како витез, како симбол на бунт против угнетувањето.

Денди-ѓаволот на Јуџин Делакроа
Во 19 век, ѓаволот се трансформирал во лигаво, лукаво и донекаде разгалено денди-суштество. Наместо да ги казнува луѓето, тој ги убедува да грешат. Така Делакроа го прикажува како гол летачки измамник.

Црвениот ѓавол на 20 век
Ѓаволот каков што најдобро го познаваме денес ги презел карактеристиките од неговите претходници. Ги задржал средновековните рогови и измамничката природа од 19 век. Веќе нема сина туку црвена боја, се разбира поради огнот од пеколот. Сатаната престана да биде морничав; тој е тука за да нѐ измами, а не да нѐ плаши.