Здружението за промоција на документаристика „Македокс“ почна со обуката на петтата генерација „Докуникулци“, кои се дел од работилницата за креативен документарен филм. Првата сесија на работилницата се одржа од 10 до 14 јули на Пониква, а предавач беше монтажерот Мартин Иванов. Во петтата генерација „Докуникулци“ се одбрани 10 средношколци.
– Тоа е прва иницијална сесија на која учесниците се запознаваат првпат меѓу себе и со менторот. На првата средба се запознаваа со основите на документарниот филм и што значи да се снима документарен филм. Сите презентираа свои идеи и преку групна работа се дискутираше за идеите на секој учесник. Учесниците на работилницата имаа по две сесии дневно, а навечер имаа проекции на документарни филмови – објасни Сара Ферро од „Македокс“.
Работилницата е распоредена во четири сесии и следните ќе се случуваат во август (осум дена за време на филмскиот фестивал „Македокс“ од 17 до 24 август во Скопје) и две есенско-зимски сесии. Од септември докуникулците ќе почнат да работат на три одбрани идеи за кратки документарни филмови, кои ќе треба да ги завршат до август следната година.