Илон Маск ги предупреди кинеските власти

Илон Маск вели дека им рекол на високите лидери во Кина дека создавањето „дигитална суперинтелигенција“ управувана од вештачка интелигенција може да ја узурпира Кинеската комунистичка партија и да ја преземе контролата врз земјата.
Тој на повикот на Твитер спејс неодамна рече дека поминал доста време со високото раководство во Кина по патувањето во мај. Маск рече дека разговарале за потенцијалните опасности од вештачката интелигенција и потенцијалот на технологијата да ја преземе моќта.
– Мислам дека тоа одекна. Ниту една влада не сака да се најде соборена од дигитална суперинтелигенција – рече Маск.
Повикот за „иднината на вештачката интелигенција“ дојде кога милијардерот ја претстави својата нова компанија xAI, која има цел да се натпреварува со „Опен АИ“ и други технолошки компании за да ја разбере вистинската природа на универзумот.
– Мислам дека обидот да се разбере универзумот ќе биде во корист на човештвото, од гледна точка дека човештвото е многу поинтересно од нечовештвото – рече тој за време на разговорот со пратениците Ро Кана и Мајк Галагер.
Маск претходно алармираше за потенцијалните опасности вештачката интелигенција да стане еден вид „суперинтелигенција“ со некои способности слични на човекот. Неговата загриженост стана погласна од лансирањето на ЧетГПТ на „Опен АИ“. Тој исто така рече дека сака да „притисне на пауза“ за напредокот на вештачката интелигенција, но дека тоа не изгледа реално.
Маск за време на повикот рече дека неговите разговори со лидерите на земјата предизвикале интерес за работа на „кооперативна меѓународна рамка“ за регулирање на вештачката интелигенција. Но тој призна дека има доста недоверба кон САД.
Меѓутоа, Галагер изрази скептицизам во врска со подготвеноста на Кина да го контролира темпото на развој на вештачката интелигенција и рече дека е загрижен дека таа потенцијално може да се искористи за целосна технототалитаристичка контрола.