Признанието „книжевен жезол“ што го доделува Друштвото на писателите на Македонија за значаен поетски опус, оваа година им се доделува на македонската поетеса Гордана Михаилова Бошнакоска и на поетот Аднан Озер од Турција.
Гордана Михаилова Бошнакоска е поетеса, раскажувачка, есеистка. Родена е во Битола, на 1 септември 1940 година. Школувањето го започнала во Скопје, од основно до завршување на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Работела во Македонската телевизија, како уредничка на емисии од културата. Објавила четиринаесет книги поезија. Првата е „Времето го нема“ (1965), а најновата е „Куќа во куќа“ (2021), како и збирка раскази „Босфорско лето“ и романот „Потрага по приказна“. Застапена е во сите прозни и поетски антологии во Македонија и во странство, во звучната антологија на македонската поезија, што ја издаде Радио Скопје, во тематски антологии, како и во јубилејните изданија на „Струшките вечери на поезија“.
Аднан Озер е поет, преведувач, книжевен критичар, есеист, уредник, издавач. Роден е во 1957 година во Газиоглу (Текирдаг, Турција). Последниве неколку години е директор на интернационалниот „Истанбулски поетски фестивал“ и претседател на Здружението за поезија во Истанбул. Автор е на книгите: „Огнена флејта“ (1981), „Смртта на ѕвонецот“ (1983), „Мапа на времето“ (1991), „Избрани песни“ (1994), „Збогум поезијо“ (1998) и други. Покрај поезија, има објавено и роман и две книги за деца. Добитник е на голем број национални и меѓународни награди и признанија.
Плакетите и статуетките „книжевен жезол 2022“ ќе им бидат врачени на добитниците на манифестацијата „Празник на липите“, а ќе биде подготвен и избор од нивната поезија, на македонски, турски и на англиски јазик.