Во присуство на повеќе гости од дипломатскиот кор, од јавниот и од културниот живот, меѓу кои и духовниот водач на бектешите, Баба Монди, во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана, Албанија, се одржа промоција на романот „Осмото светско чудо“ од македонскиот писател и поранешен дипломат Јордан Плевнеш. На промоцијата пред присутните говореше деканот на академијата „Маруби“ од Тирана, Кујтим Чашку, кој истакна: „Ова е роман што не е значаен само за македонската литература туку многу повеќе за албанската современа литература и за целиот денешен европски свет“.

Книжевниот критичар Бен Андони, пак, правејќи споредба со делото „Хазарски речник“ од Павиќ, романот на Плевнеш го спореди со повеќе значајни дела од балканската литература.

За романот говореа и Хаќиф Мулиќи, драматург и уметнички критичар, и Агим Пољоска од Филолошкиот факултет во Скопје, кој е преведувач на романот. Извадоци од романот цитираа актерите Џоана Карај од Универзитетот на уметностите во Тирана и Лаерти Васили, еден од најпознатите актери од Националниот театар во Тирана.
Јордан Плевнеш е познат писател со меѓународна репутација, автор на повеќе театарски драми, објавени и изведени во над 50 земји во светот.
Aтмосферата беше дополнета со настапот на дел од членовите на музичкиот состав „Тирана – Тирона сите ѕвезди“.