Фото: Принтскрин

Лидерот на руската платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, денес преку видео објави дека неговите сили контролираат повеќе од 80 отсто од источниот украински град Бахмут.

„Вагнер“ ги предводи повеќемесечните напори на Москва за заземање на Бахмут што се претворија во една од најкрвавите битки во 13-месечната војна во Украина.

Во видеото објавено од руски воен блогер на Телеграм, Пригожин покажува на мапа како неговите сили го опкружуваат сега целосно уништениот град, во кој пред војната живееле околу 70.000 луѓе.

– Поголемиот дел на Бахмут, повеќе од 80 отсто, сега е под наша контрола, вклучувајќи го целиот административен центар, фабриките, магацините, градската администрација – рече Пригожин.

Со црвен маркер тој означи релативно мал, главно станбен дел од градот што руските сили допрва треба да го освојат.

Британското Министерство за одбрана објави дека руските сили го зазеле западниот брег на реката Бахмутка, заканувајќи се на клучната украинска рута за снабдување.

Лидерот на проруските власти во Донецк, Денис Пушилин, за време на посетата на Бахмут, вчера изјави дека руските сили контролираат 75 отсто од градот.

Русија верува дека заземањето на Бахмут ќе и овозможи да започне нови офанзиви низ Украина, додека Киев и западните власти сметаат дека градот има само симболично значење.