Комисијата за труд и социјална политика утре во 13 часот треба да продолжи со расправа по предлог-измените на Законот за работни односи кои се дел од пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д.

Опозицијата денеска во повеќе наврати побара да се прекине расправата, бидејќи, според нив, истата е беспредметна. Според опозицијата, на овие измени треба да се посвети многу поголемо внимание и неопходна е јавна расправа во која што би можеле да учествуваат сите засегнати страни меѓу кои и синдикатите и граѓанските организации.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска побара да се почитува одлуката на Уставниот суд донесена минатата година, според која работниците не може да работат по 60 часа неделно на автопатиштата и предложи расправата да се прекине.

– Предлагам да се прекине расправата, да се врати на дискусија со пошироката јавност, експертите, синдикатите, Државната комисија за спречување на корупција – рече Ласовска.

Предложеното законско решение се однесува на проекти од стратешки и национален интерес и вклучува решение со кое градежните работници кои работат на ваков тип на проекти ќе добиваат надоместок од 50 проценти повеќе за секој час работа во недела и ќе добиваат надоместок за прекувремена работа согласно Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватен сектор.