Фото: Маја Јаневска-Илиева

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ги повика сојузниците на Израел – првенствено САД – да престанат да испраќаат оружје бидејќи „премногу луѓе“ се убиени во Газа.

Укажувајќи на коментарот на американскиот претседател Џо Бајден минатата недела дека воената акција на Израел е „претерана“, Борел рече: „Па, ако мислите дека се убиени премногу луѓе, можеби треба да обезбедите помалку оружје за да спречите толку многу да бидат убиени“.

– Дали (тоа) не е логично – праша Борел на прес-конференција во Брисел, заедно со Филип Лазарини, шеф на агенцијата на ОН за палестински бегалци УНРВА, кого Израел го притиска да поднесе оставка.

– Колкупати сте слушнале како најистакнатите лидери и министри за надворешни работи ширум светот велат дека се убиени премногу луѓе? – праша Борел.

Тој, исто така, остро го критикуваше повикот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повеќе од еден милион Палестинци кои се засолнети во градот Рафа во Газа да бидат „евакуирани“ пред планираната израелска воена операција.

– Тие ќе се евакуираат – каде? До Месечината? Каде ќе ги евакуираат тие луѓе – праша Борел.

Лазарини додаде дека постои „длабоко чувство на паника“ во врска со планираната операција на Израел во Рафа.

– Зборуваме за пет отсто од населението кое е или убиено, или повредено или исчезнато – повеќе од сто илјади луѓе од два милиони население. И ова за само четири месеци. Да ви кажам искрено, немам поим што значи безбедно место во Појасот Газа рече Лазарини.