Светскиот првак ја предаде интернет-партијата во шестото коло против Американецот Ниман, со што повторно ја разгоре контроверзната расправија за мамење, која почна неодамна на купот Синкфилд во САД

ШАХ – НА ИНТЕРНЕТ-ТУРНИРОТ КУП НА ГЕНЕРАЦИИ

Светскиот првак во шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.861 рејтинг-поени) на онлајн-турнир се откажа да му се реваншира на американскиот велемајстор (ВМ) Ханс Ниман (2.688), откако со црни фигури одигра само еден потег, со коњот на полето ф6, и се исклучи од компјутерот, што предизвика вчудовидување во шаховската јавност, односно повторно се разгоре контроверзната расправија помеѓу нив видена претходно, неодамна на купот Синкфилд. Двајцата играчи можеа да се следат преку видеоврска за време на директниот онлајн пренос на каналот Чес 24, пишува британски „Гардијан“.

– Магнус Карлсен само што ја предаде партијата. Стана и си замина. Ова е без преседан. Едноставно, не можам да верувам – изјави коментаторката на ТВ-каналот Чес 24, шахистката ИМ Тања Сачдев.
Ниман (19) направи големо изненадување кога го победи Карлсен на турнирот во Сент Луис, вреден 500.000 долари, по што Карлсен потоа сензационално го напушти турнирот, кој се играше во живо на табла. Тој ја објави својата одлука преку интернет, заедно со видеото на фудбалскиот менаџер Жозе Мурињо, кој во една пригода рекол: „Ако прозборам, јас сум во голема неволја“. Карлсен ќе продолжи да игра на онлајн турнирот, односно само против Ниман не сакал да ја игра партијата.
Карлсен потоа не коментираше повеќе, но моментно најдобриот светски играч во брз шах, Американецот Хикару Накамура, тврди дека повлекувањето е затоа што Карлсен се сомневал дека Ниман „веројатно мамел “. Накамура, исто така, откри дека Американецот претходно бил блокиран од најпопуларната веб-страница за шах во светот Чес. Ниман, пак, категорично ги негира обвинувањата за мамење на купот Синкфилд, но и дека во минатото мамел во шахот, прво како 12-годишник на турнир во живо, а потоа и како 16-годишник преку интернет, кога играл на турнири што не се бодувале.

– Никогаш не сум мамел во шах во живо – рече Ниман, додавајќи дека е чист и „подготвен да игра гол, во затворена кутија без електронски пренос“ за да ја докаже својата невиност.
Купот на генерациите „Јулиус Баер“ е дел од шаховската турнеја на шампионите „Мелтвотер“, кој се одржува до 25 септември, има четири прелиминарни кола, каде што 16-те учесници играат меѓу себе еднаш во брз шах, со временска контрола од 15 минути, плус 10 секунди по играч, а потоа најдобрите осум одат во следните нокаут-фази. А тие фази вклучуваат натпревари од по четири партии, по еден за четврт-финалето и во полуфиналето и два меча за финалето. Ако e нерешено, следуваат две партии со брзо темпо (пет минути, плус три секунди), по кои, ако е потребно, ќе се игра и армагедон-партија, каде што белиот има пет минути до крајот на партијата, а црниот четири, со тоа што црниот и со реми е победник.
По осум кола, води Индиецот Арјун Еригаиси (2.725 рејтинг-поени) со 17 поени, Карлсен е на третото место со 15 поени, а Ниман е шести со 13 поени. Г.И.