Фото: Фејсбук/приватна архива

Горан Столевски не сака да биде пред камера, но судејќи по изминатата година, тој ќе треба да се навикне на вниманието, пишува британски „Гардијан“, наведувајќи дека дебитантскиот филм на режисерот со македонско потекло „Нема да си сама“ ја лансирал неговата кариера.

– Тоа беа најнепријатните 25 минути во мојот живот – вели режисерот низ смеа, откако британски „Гардијан“ го фотографираше во Мелбурн. Тој смета дека постои нешто извештачено да се стои мирно додека сте изложени на погледот на објективот.

Столевски кој е родум од Македонија, благодарение на „Нема да си сама“ се најде на листата на режисери на кои треба да се обрне внимание на магазинот „Вараети“, дури и во пресрет на премиерата во САД, а неговото остварување доби признание за најдобар краток филм на престижниот американски фестивал „Санденс“. Тој неодамна доби награда во Австралија и за неговиот втор филм што е со хомосексуална тематика, „Of an Age“, кој беше избран да го отвори Меѓународниот филмски фестивал во Мелбурн одржан минатиот месец.

– Мислам дека во последните шест недели заработив повеќе пари отколку вкупно во претходните три години – истакна Столевски.

За Столевски се слушна во 2018 година откако напиша и режираше низа кратки филмови и беше награден на „Санденс“.

– Истиот момент кога влегов во изборот на „Санденс“, тоа беше чувство на халуцинирачки миг. Тоа значи дека успеав, дека ќе бидам филмаџија, дека отсега ќе работам – објаснува Столевски, напоменувајќи дека всушност и не работел во следните три години од изговарањето на таа реченица.

Откако ја освои наградата за надобар краток филм на фестивалот „Санденс“ во 2018 година, „Холивудс фокус фичрс“ сакаше да го поддржи „Нема да си сама“, пред да увиди оти Столевски планира да го сними филмот на дијалектот на неговите предци.

– Тие ми понудија дополнителни три милиони долари да го снимам филмот на англиски, но ја одбив, на тој начин откажувајќи се од голем дел од приходот што требаше да го реинвестирам во филмот. Но тоа беше во многу среќна ситуација во која продуцентите ми дозволија да кажам не, бидејќи тие исто така требаше да го вложат нивниот приход – објаснува Столевски, кој додава оти биле потребни 35 години на многу комплициран живот за да го сними филмот, па затоа не бил подготвен на компромис.

Тој дополнително ја образложи неговата смела одлука во неодамнешно интервју за „Сиднеј морнинг хералд“.

Одби милионска понуда од Холивуд поради македонскиот јазик, а не можеше ни да каже дека е режисер – Горан Столевски зборува за неговиот успех

Всушност е навредливо за мене кога филмовите се сместени во Источна Европа, а сите зборуваат на англиски. Читањето на превод навистина не е комплицирано – категоричен е Столевски.

Талентираниот режисер го помина детството во Македонија но го отфрла автобиографското толкување на „Нема да си сама“. Тој имал вообичаено детство во Тетово, каде што живеел со родителите и со неговите баба и дедо пред да се пресели во Австралија на 12-годишна возраст.

– Таму мислев дека се селиме во метропола, замислував нешто како Менхетн, онака како што е прикажан на телевизија… и одеднаш бев во предградијата на Мелбурн. Не сфатив дека насекаде беше празно, додека не се преселив таму. Шетав и по 40 минути без да сретнам никој – вели Столевски, додавајќи дека до денес му е неверојатно отсуството на секојдневна раздвиженост и метеж.