Европските денови на културното наследство

Европските денови на културното наследство, кои ќе се одржат во периодот од 22 до 28 септември, во програмата вклучуваат дваесетина музеи, граѓански здруженија и други институции од 14 града и села од целата земја.
„Одржливо наследство“ е темата на Европските денови на културното наследство годинава. Со тоа се става фокус на активната улога на заедниците, кои градат поодржлива и посигурна иднина за европското наследство, во контекст на климатските промени и ризиците што тие ги носат. Европските денови на културното наследство, како заедничка иницијатива на Советот на Европа и Европската комисија, се помеѓу најшироко одбележуваните културни настани во Европа. Повеќе од 50.000 настани што ќе се реализираат годинава низ целиот континент имаат цел да ги препознаат вредноста на заедничкото европско наследство и потребата тоа да се зачува за денешните и идните генерации.

– Одржливиот развој е еден од приоритетите на Советот на Европа. Нашата организација придонесе кон создавање заеднички правни основи во Европа за биодиверзитетот, менаџирањето на природните ресурси и просторното планирање. Ја поздравувам темата на Европските денови на културното наследство 2022 – „Одржливо наследство“, бидејќи таа претставува релевантна можност да се издигне свеста за борбата против деградацијата на животната средина и климатските промени, како и да се развие култура на одржливост, за да се заштити различноста на културите – изјавува генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, во заедничкото соопштение за медиумите на Советот на Европа и Европската комисија.
Во текот на септември, низ цела Европа се одвиваат најразлични активности (изложби, работилници, перформанси, организирани посети со водичи), кои го промовираат одржливото наследство, во исто време истакнувајќи го значењето и на природните добра и биодиверзитетот.

– Оваа година го славиме наследството низ призмата на одржливоста, која не би можела да биде порелевантна, по очигледните и драматични знаци на климатски промени низ кои помина нашиот континент ова лето. Во таа смисла, Европските денови на културното наследство претставуваат одлична можност да се издигне свеста за ризиците со кои е соочена животната средина, како дел од нашето споделено наследство, и да се преземе одржлива и одговорна акција за нејзина заштита. Не само поради нас самите и за заштита на нашиот културен идентитет туку и за да бидеме сигурни дека ќе оставиме наследство за идните генерации – изјави Марија Габриел, европска комесарка за образование, култура и младина.