Филип Михов

ШАХ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Една победа, две ремија и три порази забележаа македонските претставници во 2-то коло на 22-то поединечно Европско првенство (ЕП), кое се игра во Брежице, Словенија, во конкуренција на 317 шахисти (114 велемајстори) од 40 држави. Цел поен освои ланскиот шампион на Македонија, 22-годишниот Филип Михов (2.255 рејтинг-поени, рангиран 229-ти пред ЕП), кој како „црн“ го победи во 47-от потег Германецот Каспар Линеман (1.773, рангиран 307).
Половина поен впишаа, првата табла на македонската репрезентација, велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (рејтинг 2.564, рангиран 73.) против ВМ од Словенија Марко Татар (2.417/148.) и 15-годишниот Антон Златков (2.081/278.) во 62-от потег против ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Шпанија Мигуел Ортега (2.331/196.), посилен за 250 рејтинг-поени. Златков имаше квалитет повеќе (топ за коњ), но противникот тоа го компензира со два пиона повеќе. Порази претрпеа 18-годишниот ФМ Емил Ристески (2.374/177.) од силниот украински ВМ Јуриј Кузубов (2.639/21.), ФМ Роберт Велески (2.136/264.) од германскиот ФМ Нилс Рихтер (2.365/182.) и Хедон Мифтари (1.987/297.) од унгарскиот ВМ Адам Козак (2.525/90.). По две кола, Георгиев со 1,5 поен го дели 42-111. место, по еден поен имаат Михов и Мифтари, половина Ристески и Златков, а без поени е Велески.