Македонските фудбалски репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски со Динамо Загреб се пласираа во четврт-финалето на Лига Европа откако направија сензација против фаворизираниот Тотенхем, славејќи со 3-0 по продолженија на домашен терен, за да го надоместат поразот од 0-2 во првиот дуел.

Одличниот Мислав Оршиќ ги постигна сите голови за Динамо, совладувајќи го противничкиот голман Иго Лорис во 62-та, 83-та и во 106-та минута. Ристовски беше заменет во 90-та минута, пред да почнат продоженијата, додека капитенот на „модрите“ Адеми помина 117 минути на теренот.

Хрватскиот првак успеа да го елиминира Тотехнем и покрај тоа што неделава остана без досегашниот тренер и спортски директор Зоран Мамиќ, кој поднесе оставка откако беше потврдена неговата затворска казна (осуден на четири години и осум месеци) поради нелегално извлекување пари од клубот и затајување данок. Екипата на вечерашниот меч ја предводеше Дамир Крзнар, кој досега беше помошник на Мамиќ.

Динамо ќе го дознае ривалот во четврт-финалето на утрешната ждрепка која ќе се влече од 13 часот.