Фото: Игор Бансколиев

Левандовски, напаѓачот на Баерн, минатата сезона беше најефикасен во Европа, со 41 гол (82 поена), а и сезонава води на листата на најдобри стрелци, со 28 гола. Откако се доделува наградата, само Мекоист, Анри, К. Роналдо и Меси во низа ја освојувале наградата

Трката за „златна копачка“ за сезоната 2021/2022, една од најпрестижните индивидуални награди во европскиот фудбал, е во полн ек. Напаѓачот на Баерн, Роберт Левандовски, кој минатата сезона беше најефикасен, со 41 гол (82 поена), на 29-те настапи во Бундес-лигата, и сезонава води на листата на најдобри стрелци, со 28-те гола (56 поени) постигнати на 25 меча. Потоа, на делбата на втората позиција, со по 20 гола, се Душан Влаховиќ (Фиорентина и Јувентус), Патрик Шик од Баер Леверкузен, Чиро Имобиле и Карим Бензема од Реал Мадрид. Еден гол помалку, 19, има Момахед Салах од Ливерпул, Ерлинг Холанд од Борусија Дортмунд постигна 16, Висам Бен Једер од Монако, Антони Модесте од Келн и Џовани Симеоне од Верона постигнаа по 15 гола итн.
Лионел Меси, напаѓачот на ПСЖ, има најмногу „златни копачки“, шест, играјќи за Барселона. Тој е рекордер за најмногу голови и бодови во една сезона, 50 гола во сезоната 2011/2012 за 100 бода. Меси е и единствениот во историјата што ја освојувал наградата три години по ред, од 2017 до 2019 година. Кристијано Роналдо четири пати бил најефикасен, последен пат во сезоната 2014/2015 во Реал Мадрид, со 48 гола. Роналдо е еден од четворицата играчи што признанието го освоиле со различни клубови, покрај Луис Суарез, Диего Форлан и Марио Жардел. Француската Лига 1 нема најефикасен играч од Јосип Скоблар во 1971 година, кога за Марсеј постигна 44 гола. Откако се доделува наградата, само Али Мекоист, Тиери Анри, Кристијано Роналдо и Лионел Меси во низа ја освојувале наградата (Мекоист во 1992 и 1993 година, Анри 2004 и 2005, Роналдо во 2014 и 2015 и Меси во 2012 и 2013 и потоа во 2017, 2018 и 2019).