Светскиот првак од 2014-та, првпат по 80 години уште по првата фаза го завршува настапот на СП. На Германците ретко им се случуваат вакви дебакли, но тие секогаш извлекувале поуки и наоѓале начини како да се вратат на врвот. Работата со младите категории во Германија е на далеку позната, па за очекување е дека Германците наскоро ќе свртат нова страница. Германија лани стана првак на Европа за фудбалери до 21 година, но од тој состав немаше ниту еден играч на СП 2018

Шампионот од фудбалското Светско првенство во 2014 година во Бразил, селекцијата на Германија, уште по првата, групна фаза се прости од Светското првенство (СП) во Русија. Германците првпат во својата фудбалска историја и по 80 години (од СП 1938, кога се играше според нокаут-систем) испаѓаат во првата рунда, со што ги снајде истата судбина како некои поранешни бранители на титулата, кои не ги поминаа првите групни фази – Шпанија во 2014, Италија во 2010, Франција во 2002, Бразил во 1966 и Италија во 1950 година.

За начинот на игра, за тактиката, за изборот на фудбалерите што го направи селекторот Јоаким Лев, педантните Германци допрва ќе прават анализи. Недостигот од лидери во тимот, на теренот и во соблекувалната, како што беа Бастијан Швајншајгер, Филип Лам, Мирослав Клосе или Пер Мертесакер, според некои, е една од главните причини за дебаклот, покрај изоставувањето на Лирој Сане и недавањето шанса на Јулијан Брандт и на другите помлади играчи. И една друга важна работа што ја призна и Лев, а тоа е ароганцијата кај некои играчи пред првиот меч со Мексико (0-1).
Но она што беше очигледно е дека Германците беа надвор од форма, играа бавно, па и неборбено, несвојствено за нив. Лев во минатите 12 години откако е на селекторската функција на сите големи натпреварувања стигнал најмалку до полуфиналето, но дојде крајот и на таа успешна серија и на една фудбалска ера.

Сегашната германска селекција, со мали промени, подемот го почна на СП 2010 во Јужна Африка. Тогаш на големата сцена стапи генерацијата на Мануел Ноер, Мезут Озил, Сами Кедира, Томас Милер, Тони Крос, Жером Боатенг, која во полуфиналето загуби од подоцнежниот шампион, Шпанија, со 0-1. Кулминацијата оваа генерација ја достигна на СП 2014, кога прво во полуфиналето го декласира домаќинот Бразил со 7-1, а потоа во финалето беше подобра од Аргентина (1-0) и ја освои четвртата титула светски првак.
За тоа дека Германците се во надолна линија можеше да се види на Европското првенство (ЕП) во 2016 година, иако стигнаа до полуфиналето, во кое беа поразени од домаќинот Франција (0-2). Лани, на Купот на конфедерациите во Русија, Лев им даде шанса на помладите, на Леон Горецка, Јулијан Брандт, Лирој Сане, кои одиграа одлично, но за ова СП тој се реши за проверените кадри, што се покажа како погрешен избор.

На Германците ретко им се случуваат вакви дебакли, но тие секогаш извлекувале поуки и наоѓале начини како да се вратат на врвот. Работата со младите категории фудбалери во на далеку познатите академии низ Германија е на далеку позната. Инфраструктурата, стадионска и друга, е за секоја пофалба. Систематичноста и стручноста, како и широката база, исто така, никогаш не биле спорни. Оттаму, за очекување е дека Германците наскоро ќе свртат нова страница, ќе направат рез, ќе им се заблагодарат на поискусните фудбалери и ќе им дадат шанса на помладите. Тука треба да се истакне дека Германија лани стана првак на Европа за фудбалери до 21 година, но од тој состав немаше ниту еден играч на СП во Русија. А на СП 2010 во составот на Германија беа Озил, Кедира и Боатенг, кои една година пред тоа беа прваци на Европа во истата таа категорија, до 21 година. 


Бразил ќе остане осамен на врвот

По елиминацијата на Германија од Светското првенство (СП) во Русија, Бразил и Италија барем уште четири години ќе останат единствените репрезентации што успеале двапати по ред да станат светски фудбалски прваци. Италија го направи тоа во 1934 и во 1938 година, а Бразил во 1958 и во 1962 година. Згора, Бразил и по ова СП сигурно ќе остане осамен на врвот според бројот на титулите, оти има пет, а најблиските конкуренти имаат по четири, но нема да играат за нов трофеј (Италија не се пласира, Германија е елиминирана). Бразил ќе игра за својата шеста круна, а прва пречка на патот дотаму му е Мексико, во мечот од осминафиналето, в понеделник.
Во трката со титулите Бразил го презеде водството во 1970 година, кога третпат стана првак, потоа Италија израмни во 1982 година, Германија се придружи во 1990-та, а од СП 1994 Бразил одново води.


Дебакли на ЕП 2000 и 2004, но потоа голем подем

На фудбалската репрезентација на Германија во минатото, пред дваесетина години, ѝ се случуваа слични работи. На СП 1998 во Франција во четврт-финалето (не)очекувано беа елиминирани од Хрватска (0-3), а потоа на следното големо натпреварување, ЕП 2000 во Холандија и во Белгија, доживеаја вистински дебакл. Во групата А (со Португалија, Англија и со Романија) ремизираа само еднаш, двапати беа поразени и постигнаа само еден гол. Тоа беше крај за една генерација германски играчи предводени од Лотар Матеус. На ЕП 2004 во Португалија се случи реприза на претходно ЕП, елиминација уште во првата фаза. Според многумина, овие настани биле точката за пресврт, кога Германија почна големи вложувања во младите категории и во инфраструктурата, кои донесоа резултати во годините до ова СП, кога Германија освои една светска титула, едно второ и две трети места, а на европските шампионати едно второ и две трети места. Вкупно од 2006 до 2016 година на ЕП и на СП Германија играше во шест полуфиналиња (од тоа и две финалиња) на сите шест големи натпреварувања во тој период од 10 години.