Премиерата на „Кајмак“, во режија на Милчо Манчевски, ќе се случи вечерва, во 20 часот, во Македонската филхармонија. Веќе од следниот ден, четврток, „Кајмак“ почнува истовремено да се прикажува во речиси 30 града низ целата земја.
– „Кајмак“ ќе игра во цела Македонија. Направивме напор филмот да го донесеме во секое кино, каде што има техничка можност за прикажување – вели продуцентот Јане Ќортошев.
Неодамна, филмот имаше светската премиера и три распродадени проекции на Токискиот фестивал. Реакцијата на јапонската публика беше извонредна. Весникот „Џапан тудеј“ го нарече филмот „мрсна сатира“. Манчевски беше во центарот на збиднувањата во Токио, каде што одржа и мастерклас, кој имаше голем одглас кај публиката. Веднаш потоа „Кајмак“ отпатува во Тајван, каде што се прикажа на филмскиот фестивaл „Златен коњ“ во Тајпеј. По двете преполни проекции и едночасовни редици на публиката за автограм од македонскиот режисер, следуваа сесии разговори со публиката, која ја пофали приказната, велејќи дека постојано изненадува. Актерките Ана Стојановска и Сара Климоска, кои имаа можност први да го погледнат филмот во Токио, по проекцијата имаа и разговори со јапонската публика.
Киноприкажувањето низ Македонија започнува в четврток, во Гостивар, Пробиштип, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Виница, Крушево, Струмица, Македонска Каменица, Тетово, Дебар, Берово, Неготино, Богданци, Кратово, Радовиш, Струга, Кичево, Охрид, Свети Николе, Прилеп и во Штип. Премиерата во Битола и во Гевгелија е закажана за 23 ноември. Во Скопје од 17 ноември филмот ќе игра во кината „Синеплекс“ и „Милениум“.
„Кајмак е љубовна приказна за возрасни, како што вели режисерот Манчевски. Тоа е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства што се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот е безмилосна критика на малограѓанското лицемерство и апотеоза на индивидуалната слобода.