Фото. Министерство за надворешни работи на Кина

Кина ги повика „сите инволвирани страни“ да останат смирени и воздржани, по информациите за падот на ракета во Полска, кога загинаа две лица, а полската армија беше ставена во состојба на готовност.
-Во сегашната ситуација, сите инволвирани страни треба да останат смирени и да покажат воздржаност за да се избегне ескалација – рече Мао Нинг, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, на редовната прес-конференција.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека е „малку веројатно“ ракетата што падна во Полска, земја членка на НАТО, да била истрелана од Русија, но вети поддршка за полската истрага.
Бајден ова го изјави откако утринава во Индонезија свика „итна“ средба на лидерите на Групата седум земји и НАТО за консултации во врска со експлозијата што се случи вчера попладне во источниот дел на Полска во близина на украинската граница. Светските лидери се на Бали, каде денеска завршува самитот на Г20 на најголемите светски економии.

Прелиминарните проценки сугерираат дека украинската противвоздушна одбрана истрелала ракета при што загинаа две лица во Полска, изјавија денеска тројца американски официјални претставници.
Москва претходно објави дека станува збор за провокација, демантирајќи дека Русија истрелала проектил што паднал во Полска.