Книгата поезија „Манифест на каменот“ од Виктор Радун Теон деновиве е објавена во издание на здружението за наука и култура „Нова“ од Битола. Препевот од српски на македонски јазик го направи м-р Мирјана Стојановска. Книгата првично е објавена во Белград во 2020 година.

Авторот Виктор Радун Теон работи на факултетот за применета екологија „Футура“ во Белград. Пишува поезија, проза, есеи и критики. Се занимава со филозофија и студии за иднината. Неговата поезија е преведена на: шпански, руски, арапски, романски, македонски, словенечки и бугарски јазик. Има објавено 11 книги, 67 научни и стручни трудови, педесетина есеи, литературни критики и прегледи, седум учебници и превел на 30 книги од англиски на српски јазик. Книгата „Манифест на каменот“ е шеста книга поезија од Виктор Радун Теон. Книгата содржи вкупно 59 песни, поделени во шест циклуси: „Јајцето на Еднорогот“, „Вавилонски водопади“, „Чудото на Фениксот“, „Крвта и розата“, „Змијата на Бурата“ и „Манифест на каменот“. „Манифест на каменот“ претставува финална книга во неговата хексалогија. Сите шест поетски книги чинат едно неразделиво единство, единствен систем, како симбол на универзумот во сета негова комплексност и циклично движење.

– Книгата го симболизира елементот Земја. Тој елемент е симбол на крајот, на довршувањето на еден циклус или процес. Низ песните се провлекуваат симболи и метафори што укажуваат на тој симболизмот на Земјата: камен, карпа, скапоцени камења, почва, тврдини и др. Каменот е синоним за познанието како огледало на лирскиот субјект, што му овозможува на авторот да се спушти во подземјето на јаството и да се издигне, отелотворено во нов почеток. Книгата е филозофска имагинација што преминува преку метафизиката и теологијата и влегува во реалноста. Вака формираниот поетски склоп открива нови сознанија што ја прави оваа поетика посебна, автентична, авангардна – вели издавачот.