Во рамките на резиденцијалната програма на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“, на преведувачка резиденција во Скопје во јули престојува Милена Илиќ.

Милена Илиќ е родена во 1978 година во Белград. Дипломирала на Катедрата за книжевност на Филолошкиот факултет во Белград. Пишува песни и кратки раскази и преведува од македонски на српски јазик. Во 2009 година ја објавува поетската книга „Хепи микро вумн блуз“. Нејзин расказ е вклучен во антологијата на млади автори „Простор за влажниот пес“, а нејзините песни биле дел од неколку антологии.

Милена Илиќ во овој момент е една од најактивните преведувачки од македонски на српски јазик. Нејзините преводи на авторки и автори од поновата генерација македонски писатели се објавени во релевантни издавачки куќи во Србија, како и во значајни списанија за литература. На српски јазик ги објавила преводите на следниве книги: „Поврзи ги точките“ и „Некој бил тука“ од Николина Андова-Шопова, „Одбројување“ од Фросина Пармаковска, „Страв од варвари“ од Петар Андоновски, „Утеха за голите“ од Давор Стојановски, „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски.

Во текот на својот резиденцијален престој во Скопје, Милена Илиќ ќе работи на преводот на книгата „Другата страна“ од Ѓорѓи Крстевски.

Резиденцијалниот престој на Милена Илиќ е поддржан од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.