Објавени два романи од Кетрин Сентер

Во издание на „Бата прес“, на македонски јазик се објавени романите „Среќа за почетници“ од познатата американска авторка на романси Кетрин Сентер и „Невозможниот господин“ од популарната американска писателка на историски љубовни романси Лорета Чејс. Романите се објавени во популарната едиција Хит.
„Среќа за почетници“ е роман што предизвика неверојатен интерес во светот.

Според ова дело е снимен и истоимениот филм, за кој „Нетфликс“ ја најави премиерата на 27 јули. Приказната се одвива во дивината на американската сојузна држава Вајоминг, каде што младата Хелен Карпентер се пријавува на курс за техники за преживување. Таму доживува вистинска авантура, која со сигурност ќе ја привлече и нашата млада читателска публика и многумина ќе се поврзат со главниот лик и нејзините обиди да го врати својот живот на правилната патека.

„Невозможниот господин“ е книга што ќе ги одведе читателите во Египет, во земјата на сонцето, во деветнаесеттиот век. Од оваа приказна љубителите на книгата ќе можат да научат многу за фараоните, пирамидите, како и за англиските, француските и турските благородници што уживале во задоволствата што ги нуди Египет. Ова е историска љубовна романса во која главната улога ја има Руперт Карсингтон, четвртиот син на лордот Харгејт.

Лорета Чејс е родена во 1949 година, во градот Ворчестер, во семејството на албанските емигранти Џорџ Чекани и Реша Керхали. Дипломирала англиска филологија. Најпрво работела на универзитетот „Кларк“, а дополнително како видеосценарист. По бракот со Волтер Чејс, започнала да пишува романи, а нејзиниот прв роман „Изабела“ го објавила во 1987 година.

Кетрин Сентер е родена во 1972 година. Авторка е на осум бестселери според „Њујорк тајмс“. Според нејзиниот четврти роман „Изгубениот сопруг“ е снимен истоимениот филм. Заедно со сопругот и двете деца Кетрин живее во родниот град Хјустон.