В четврток, со почеток во 20 часот, се отвора новата концертна сезона на оркестарот на Филхармонијата, насловена „Дамар на слободата“. Сезоната се отвора со концертот насловен „Зорнина“, на кој како солисти ќе настапат пијанистите Алексеј Володин и Едит Пења. Диригент е Гудни А. Емилсон од Исланд, а на програмата се дела од Волфганг Амадеус Моцарт – Концертот за пијано и оркестар бр. 23 во А-дур, Концертот за пијано и оркестар бр. 20 во Де-мол, Концертот за две пијана и оркестар бр. 10 во Ес-дур и увертирата од операта „Свадбата на Фигаро“.

Алексеј Володин се смета за еден од најсилните претставници на руската пијанистичка школа и за инструменталист од елитата на светскиот пијанизам, кој редовно настапува со престижни оркестри како Њујоршката филхармонија, Оркестарот на театарот „Марински“, Лондонскиот симфониски оркестар и диригенти од рангот на Валериј Гергиев, Владимир Федосејев, Марк Албрехт и Семјон Бичов. Критичарите ги опишуваат неговите изведби како „сензационални“, „исклучително енергични“, а овој „мајстор на пијаното“ во сезоната што следува со свои рецитали ќе настапува во Големата сала на Московскиот конзерваториум, БОЗАР во Брисел, „Вигмор хол“ во Лондон, Аудиториумот во Мадрид, „Тонхале“ во Цирих, „Плејел“ во Париз и во „Олимпико“ во Рим. Дека Алексеј Володин е изведувач со огромна сензитивност, но истовремено и со брилијантна техника се согласуваат и светските музички критичари.

Едит Пења е родена во Каракас, каде што го започнува своето музичко образование на четиригодишна возраст. Четири години подоцна дебитира како солистка со оркестарот „Симфоника“ на Венецуела, а истата година се преселува во САД, во Филаделфија, каде што дебитира и со оркестарот на Филаделфија. Студира кај проф. Сузан Стар, а подоцна и кај проф. Сергеј Бабајан во Кливленд. Таа редовно настапува како солистка со оркестарот „Симон Боливар“ од Венецуела, а исто така и како рецитален и соло-пијанист со оркестри во Германија, Австрија, Полска, Франција, САД, Мексико, Перу, Доминиканска Република, Шпанија, Велика Британија и Канада. Снимала со оркестарот на Националното радио на Венецуела, Шпанското национално радио, Радио Франција. Издала цеде по повод 70-годишнината на оркестарот на Венецуела, на кое го свири Вториот концерт за пијано и оркестар од Сен-Санс. Во моментов живее во Мадрид од каде што патува на светските концертни подиуми.

Гудни А. Емилсон е роден во Рејкјавик, Исланд. На четиригодишна возраст започнува да зема часови по музика кај својот татко. Како магистранд на државниот универзитет „Тросинген“ во Германија студира пијано кај Волфганг Вагенхаусер и диригирање кај Валтер Хаглер. Посетувал мастеркласови по диригирање кај Валтер Хаглер, Кирк Тревор, Лутц Кохлер, Рудолф Баршаи, Илја Мусин, Хелмут Рилинг… Како диригент настапил со водечки светски оркестри како Филхармонијата на Штутгарт, Симфонискиот оркестар на Нирнберг, Симфонискиот оркестар на Гетинген, Камерниот оркестар на Манхајм, Симфонискиот оркестар на универзитетот во Лајпциг и Северногерманската филхармонија. Како диригент настапил и со оркестри во Црна Гора, Бугарија, Грција, Чешка, Унгарија, Полска, Австрија. Од 2000 до 2004 година тој е шеф-диригент на камерниот оркестар „Сук“ од Прага. Од 2005 година е шеф-диригент на Симфонискиот оркестар на Тајланд.