Отворен осмиот „Букстар“

Првиот ден од осмото издание на фестивалот на европска литература „Букстар“ помина во знакот на еден од 13-те годинашни учесници – ѕвезда во вистинска смисла на зборот, исландската писателка Ирса Сигурдардотир. По инспиративниот разговор, насловен „Тајните на животот, мистериите на литературата“, со најпознатата и најнаградувана исландска писателка на трилери, кој го водеа Јордан Коцевски и Александар Маџаровски, редици читатели, повеќе од два часа, буквално до затворањето на програмата, чекаа да добијат автограм од својата омилена авторка. Слика каква што ретко може да се види на домашните фестивали, промоции и други книжевни случувања кај нас.

За време на разговорот, Ирса зборуваше за феноменот на исландската литература и причините за популарноста на читањето во оваа не толку мала по територија, колку по популација, земја.
– Литературата е во ДНК-та на исландските луѓе, можеби затоа што Исланд до Втората светска војна бил најсиромашната земја во Европа. Дури немало ни телевизија, а и онаа програма што подоцна почна да се прикажува беше здодевна. Веројатно поради тоа луѓето во долгите и студени зими се вртеле кон читањето – рече Ирса.

Понатаму се осврна на жанрот „нордиски ноар“, како што го нарекуваат, кој е многу популарен во нејзината земја, што е многу необично со оглед на тоа што Исланд е земја со многу ниска стапка на криминал.
– Скандинавските крими-трилери се базираат на приказни на обични луѓе, затоа што тука речиси и да не постојат банди или сериски убијци… – рече Ирса и на крајот шегувајќи се заклучи дека, всушност, крими-писателите се многу фини луѓе, за разлика од авторите на романси.

Ирса Сигурдардотир (1963) моментално работи како писателка и како градежна инженерка. Живее во предградието на Рејкјавик заедно со сопругот и со двете деца. Покрај самостојните книги, авторка е и на два серијала – „Дора Гудмундсдотир“ и „Детската куќа“. Во 2021 година го започнува новиот серијал „Црниот мраз“. Крими-романите на Ирса се успешни на меѓународно ниво и се преведени на повеќе од 30 јазици. Два од нив се избрани од „Сандеј тајмс“ за трилери на годината.

Инаку, фестивалот, чиј прв ден помина со одличен одзив на публиката, за отворен го прогласи писателот Никола Маџиров, кој имаше импресивно почесно обраќање.
– Kнигата некогаш била воздух меѓу двајца раскажувачи што не сакале сведоци. Била и лузна врз лицето на камен – несакан пронајдок од дивите копачи на злато. Била и печат врз кора на убиено дрво. И разнесени листови од ветровите и војните. Била и пламен во најтемните епохи на човештвото. Книгата ќе остане течно кристална тајна што археолозите нема да ја пронајдат во ниту еден богат гроб. Но нема ниту причина да се копа, да се најде она што се пробива во длабочините на светот надвор од сомнителните сеќавања на историјата. И не мислам дека книжевноста ќе го ослободи светот од решетките на неговите меридијани, ниту дека таа е бегство или прибежиште од стварноста. Литературата е засолниште во стварноста – рече Маџиров.

Како што кажа понатаму во говорот, книжевноста е ненаследна просторија на заедничкото раѓање.
– Во моето општество, моќта се наследува побрзо отколку болестите, но безбедноста на литературата е токму во нејзината ненаследност и неделивост, во отсуството на тестаменти и завети. Како читател, мислам дека книжевната меморија е наследна на поинаков начин – како почеток на нов свет – рече Маџиров.

Во салата на киното „Фросина“ се одржа и разговор на темата „Нова бугарска книжевност“ со авторите Оља Стојанова Џакова и Петар Денчев од Бугарија, чии модератори беа Владимир Јанковски и Душко Крстевски. Тие потецираа дека во бугарската книжевност е евидентна свртеноста кон минатото, кон големите историски и национални теми, но со извесна доза носталгија што не е реална.
– Тема што ги поврзува бугарските писатели несомнено е минатото, во смисла на некоја автофикација, утопија или ретроутопија. Бугарското општество последниве сто години живее со идејата дека минатото е подобро од сегашноста. Евидентно е тоа естетизирање на историјата – рече Петар Денчев.

Писателката Оља Стојанова Џакова на ова додаде дека токму поради тоа таа е заинтересирана за малите лични приказни, а не за големите историски наративи.
Во однос на тоа колку е позната македонската литература во Бугарија, и двајцата се согласија дека се потребни повеќе преводи и дека феномен на Балканот е тоа што доволно не се познаваме меѓусебно. Тие посочија дека добро се познати одредени автори како Лидија Димковска или Гоце Смилевски, а од драмските – тоа дефинитивно е нашиот Горан Стефановски, чии драмски дела сѐ уште се играат во бугарските театри.


Оља Стојанова-Џакова на книжевна резиденција во Скопје

Во рамките на резиденцијалната програма на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“, на книжевна резиденција во Скопје во октомври престојува писателката од Бугарија, Оља Стојанова-Џакова. Во текот на својот резиденцијален престој, Оља Стојанова-Џакова настапи на книжевниот фестивал „Букстар“, каде што заедно со писателот и режисер Петер Денчев беше дел од настанот „Нова бугарска книжевност“, а исто така ќе учествува и на читањето што во рамките на фестивалот ќе се одржи во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Во текот на октомври, Стојанова-Џакова ќе има можност подобро да се запознае со македонската книжевна сцена остварувајќи средби со писатели, преведувачи и уредници од Македонија.

Оља Стојанова-Џакова (1977) е прозаистка, поетеса и драмска писателка. Дипломирала новинарство на Универзитетот во Софија, каде што и докторирала на тема од областа на новинарството и масовната култура. За поетската книга „Улицата Среќа“ ги добила наградите „Николај Канчев“ и „Иван Николов“ за најдобра збирка поезија. За драмите „Покана за вечера“ и „Бојата на длабоките води“ ја добила наградата „Аскер“ за најдобар драмски текст. Работи како новинарка во Бугарското национално радио. Резиденцијалниот престој на Оља Стојанова-Џакова во Скопје е поддржан од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.