Децата се изложени на многу повисоки нивоа на загадување на воздухот отколку што се препораките на Светската здравствена организација, според новиот извештај до кој дојде Европската агенција за животна средина и во кој не се вклучени големите индустриски нации како Велика Британија и Русија

Загадувањето на воздухот предизвикува смрт кај повеќе од 1.200 деца и адолесценти секоја година во Европа, се вели во извештајот објавен од Европската агенција за животна средина (ЕЕА). Агенција со седиште во Копенхаген во својот извештај наведува дека децата се особено ранливи на загадениот воздух, од моментот кога се во утробата до кога ќе станат полнолетни. Во него се додава дека иако бројот на предвремени смртни случаи во оваа возрасна група е низок во однос на вкупниот број за европската популација проценета од страна на ЕЕА секоја година, тие претставуваат губење на идниот потенцијал и резултираат со значителен товар од хронични болести, како во детството така и подоцна во животот.
Изложеноста на високо загадување на воздухот предизвикува и повисоки стапки на астма, од која веќе страдаат девет отсто од децата и адолесцентите во Европа, како и намалена функција на белите дробови, респираторни инфекции и алергии.
Студијата опфати 30 земји, вклучувајќи ги и 27-те членки на Европската Унија (ЕУ), но не ги опфати големите индустриски нации како Русија, Украина и Велика Британија, што сугерира дека вкупниот број на жртви од загадениот воздух може да биде уште поголем.
Европската агенција за животна средина соопшти дека нивоата на неколку клучни загадувачи на воздухот „постојано ги надминуваат“ препораките на Светската здравствена организација (СЗО) во многу европски земји, особено во Централноисточна Европа и Италија. Се проценува дека 97 отсто од урбаната популација меѓу испитаните земји биле изложени на воздух што не ги исполнил препораките на СЗО минатата година. ЕЕА рече дека емисиите од транспортот, индустријата и греењето мора да се намалат.
Едно практично решение што беше дадено во корист на децата на краток рок е да се подобри квалитетот на воздухот околу училиштата преку зголемување на зелените површини.