Очигледно сите се навикнуваме на новото нормално, колку и да е тоа ненормално. И што е уште позагрижувачки, дури и таквите „дешавки“ ги забораваме со иста таква брзина како што ни се сервираат, бидејќи некоја друга уште почудна, поизместена вест пристигнала
Чудо едно со каква леснотија се однесуваме кон она што ни се случува секојдневно, а особено изненадува игнорирањето, односно брзото заборавање на работите што во мигот кога ќе ги слушнеме нѐ „вадат од чевли“. Нема ден, а да не ни се случи или барем да слушнеме нешто за што сме мислеле дека во никој случај не се вклопува во некоја претстава за нормално. Но како што минува времето се наоѓаме во ситуација да помислуваме дека нешто не е во ред со нашите претстави, затоа што сѐ помалку гледаме како луѓето се возбудуваат кога нешто такво ќе се случи. Очигледно сите се навикнуваме на новото нормално, колку и да е тоа ненормално. И што е уште позагрижувачки, дури и таквите „дешавки“ ги забораваме со иста таква брзина како што ни се сервираат, бидејќи некоја друга уште почудна, поизместена вест пристигнала.
Еве, за пример, да ја земеме само неделава зад нас. Најнапред ни се случи скандалот на „Евровизија“. Група луѓе што со години си ја имаат приватизирано македонската организација на учество во оваа манифестација, без притоа да имаат некаков резултат, повторно беа во елемент. Се случи нова „Евровизија“, тие направија нов скандал без да му одговараат некому, па аналогно на тоа, за в година треба да се подготвиме за некоја уште поголема глупост.
А како поинаку да се протолкуваат смешните оправдувања на првите луѓе на делегацијата, па и на МРТВ, во кои целата вина ѝ ја префрлија не неискусната и неподготвена пејачка, за фрлањето на знаменцето. Па дури и се закануваа со некакви санкции, без притоа да нѐ информираат дали воопшто имаат изготвено некаков протокол, кодекс на однесување, до кој треба да се држат сите што таму, каде и да одат, ја претставуваат Македонија. И уште да кажат дали им даваат некакви упатства на учесниците што и како смеат да прават во ситуации во кои се можни и грешки и провокации, па и разни глупости, како последнава.
Но ништо од тоа не чувме, што со голема веројатност значи дека и в година останува истата екипа и по хоризонтала и по вертикала во МРТВ, а ние уште од сега да се подготвиме за некоја следна епизода од нивниот серијал.
А, да не заборавам, збор-два и за дежурните чувари на моралот, кои преокупирани со знаменцето фрлено на килимот во Торино, не го видоа гигантското знаме од 20 метри на туѓа држава како се вее среде Македонија. Но, не, тоа знаме не им пречеше, бидејќи ниеден од истите тие најгласни моралисти и чувари на знамето македонско, не ни гугнаа за двоглавиот орел. Тоа е, нели, европејски, така треба да биде.
Уште непроспиена веста околу знаменцата и знамињата, кога нов шок на малиот екран. Надлежниот државен регулатор за енергетика нѐ информира дека според нивните анализи 17 семејства трошат 10 проценти од вкупната потрошувачка на струја во земјава. Крајно збунувачка и тешко сварлива информација. За жал, наместо некоја посериозна анализа, слушнавме дека не станува збор за „рудари“ по биткоини, туку дека тоа било така оти некои семејни фирми се воделе на поединци, ако добро сфатив. Сепак, како и да е, нели во земјава е јасно раздвоена личната од службената потрошувачка на струја. Според тоа, фирми се тоа или семејни објекти за живеење?
И за крај, иако најмалку важно. Ако ја земеме вкупната потрошувачка на земјава, која не е мала, туку потрошивме огромни пари во најголемата криза, па посегнувавме по државни резерви, по интервентен увоз по набилдани цени и којзнае уште какви не ујдурми нѐ снајдоа во најголемата криза, за сето тоа да покаже дека во земјава се одлеваат огромни средства за струја. Е сега, ако една десеттина од таа огромна сума отпаѓа на само 17 семејства, па кажете барем кои се тие ултрабогаташи, чисто онака да ги знаеме, да се утешиме дека не сме сите отидени во неврат и беспарица, туку дека барем на 17 наши куќи им се посреќило и добро живеат. Затоа што во кусото образложение беше потенцирано дека сите тие редовно си ги плаќаат сметките.
Но како и многу други, далеку посериозни работи и оваа остана без многу одговори, а и неа набргу ја потиснаа во заборавот, други, кои, пак, исто така не траеја долго, оти кај нас секој ден се случува по нешто интересно.
Кога би избирал меѓу мноштвото интересни вести што бараат посебна опсервација, секако, тука е и веста за повикувањето на новинарката Соња Делевска на информативен разговор во полиција од страна на оружени полицајци, поради објавен новинарски текст, по поплака на раководителка на одделение во Министерството за правда. Во оваа една реченица има толку небулози што навистина на човек му е смачено да пишува и да зборува. Од каде да се почне? Дали од непотребното одење на оружени полицајци да ја повикаат новинарката, како да е сторен некој сериозен криминал, некое кривично дело што бара таков начин на повикување, а да не зборуваме за поводот – некоја незадоволна раководителка во некое министерство се нашла незадоволна од објавата на новинарката, па потегнала по демонстрација на сила.
Аман те, бре, луѓе. Па што не ангажиравте и од оние специјалците, што ги пуштате на спортски терени и на трибини, па зарем не знаевте колку е силна Соња и какво оружје крие дома, можела да ги сотре овие два-тројца слабо оружени што сте ѝ ги пратиле да ѝ чукнат на врата.
Шегата на страна. Попусти се сите укажувања за некаква реформа, за некаква подготовка за утре, дај боже, ако влеземе во ЕУ дека треба и полицијата да се реформира, попусти се разно-разните обуки. Изгледа дека уште владее старата џандарска филозофија за која мислевме дека е одамна надмината.
Се разбира, сега и во Министерството за правда и во полицијата е поведена постапка за утврдување на околностите под кои била повикана новинарката и така треба да биде. Но уште подобро ќе биде ако се надмине старата пракса и да не се дозволи во иднина да се повторуваат вакви сцени.
Доволно е за овoj претпразничен викенд. Да посакаме наредниов период до наредната колумна деновите да бидат здодевни, да бидат повторно нормални. Но од она старото, вообичаеното, а не од ова новово нормално, кое многу често нѐ остава без зборови.