Фото: Влада

Податоците на Евростат покажуваат дека Македонија е меѓу земјите со најниски цени на храната и безалкохолните пијалаци во регионот, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање за податоците според кои цените на храната и безалкохолните пијалаци во земјава се за 25 проценти пониски од просекот на 36 европски земји, Мицкоски рече дека ценовниот индекс ја позиционира Македонија меѓу државите со најниски цени во регионот.

Премиерот ја даде изјавата при пуштањето во употреба на улицата „Прохор Пчињски“ во населеното место Чифлик, во Општина Чешиново-Облешево.

– Евростат објави податоци според кои, со референтна вредност 100, ние сме држава со убедливо најниски цени во регионот, и на храната и на пијалаците. Со тоа паѓаат тезите на оние што во изминатиот период ширеа лаги и дезинформации – изјави Мицкоски, пренесе МИА.

Тој упати критики кон поединечни синдикални претставници, обвинувајќи ги дека дејствуваат како опозициски партнери. Сепак, призна дека и натаму постојат проблеми што треба да се решаваат, нагласувајќи дека не може да се надминат сите последици од изминатите три децении за само две години.

Мицкоски посочи дека Владата работела на стабилизирање на инфлацијата, оценувајќи дека земјата во третиот квартал забележала една од најниските стапки на инфлација во регионот, а можеби и во Европа.

– Порано нè убедуваа дека инфлацијата била увезена кога имавме двојно повисока стапка од просечната во Европската Унија. Денес, кога имаме за 25 до 30 проценти пониска инфлација од онаа во ЕУ, ги нема оние што нè убедуваа во тоа – рече премиерот.

Тој ја обвини опозицијата дека преку, како што рече, лаги, измислици и политички конструкции се обидува да ѝ нанесе штета на Владата.

Осврнувајќи се и на изборните резултати во Брвеница, Мицкоски рече дека граѓаните не можат да бидат потценувани и дека ја препознаваат работата на Владата.

Според него, Владата се обидува да ги поправи последиците од претходните политики, додека поддршката од граѓаните, како што оцени, останува на нејзина страна.