Охрид 25 години потоа – 1999: Новото Косово, подемот на УЧК и борбата за превласт кај Албанците во поранешна Југославија (IX дел)

Зошто создавањето на новото Косово значеше почеток на судирите за преобликување на политичката сцена кај албанските заедници во регионот и како тоа беше вовед во последните крвави судири во војните за југословенското наследство?
Кумановскиот договор стави точка на српската, односно на југословенската држава на територијата на Косово. Со влегувањето на војските на НАТО, во Косово конечно пристигнаа и борците на УЧК, осоколени од епската митологија за победничка герила и убедени дека нивниот воен пат им го дава историското правото да станат носители на новата власт во Косово. Но наместо црвен тепих и празен политички простор, подготвен за испишување нова национална приказна, таму нив ги дочекаа жилавата инфраструктура на „Република Косово“ на Ибрахим Ругова со изградени установи, длабоко вкоренети помеѓу косовските Албанци. Така што веднаш ќе се отвори прашањето кој е легитимниот претставник на косовските Албанци и кој го има легитимитетот да се претставува како нова косовска власт што ќе ја обележи политичката борба во Косово во следната декада. „Република Косово“ го црпеше својот легитимитет од замислениот континуитет од „качаничкото собрание“ од 1990 година, политичката тежина на (не)законските избори пред бомбардирањето, паралелните институции, традицијата на децениската ненасилна борба против Милошевиќ и фактот што Ибрахим Ругова со години беше симболот на косовските Албанци пред меѓународната заедница и личност што го интернационализираше „косовското прашање“. Додека, пак, УЧК и Хашим Тачи ја вееја окрвавената кошула на УЧК како највидлив симбол на сопствениот политички легитимитет. Според нив, токму вооружената борба на УЧК го ослободи Косово, а нивниот политички наратив се темелеше на легендата дека тие биле копнената војска на победничката армија на НАТО и на САД во судирот против Слободан Милошевиќ.
Овој судир произведе институционален хаос во Косово во првите месеци по бомбардирањето. Насекаде низ Косово локалните команданти на УЧК настојуваат да ги преземат општините, јавните претпријатија и другите установи на власта додека истовремено „Република Косово“ продолжува да функционира како воопшто ништо да не се случило. И едните и другите се обидуваат да го претстават сопственото присуство на теренот како свршен чин, а другата страна да ја посочат како привремена политичка изопаченост. Да биде институционалниот хаос уште поголем придонесува состојбата во средините со српско мнозинство каде што непречено продолжуваат да функционираат елементи на српската држава.
Ситуацијата започнува да се избиструва со создавањето на УНМИК и именувањето на Бернар Кушнер за висок претставник. Меѓународната заедница јасно стави до знаење дека нема да зазема страна во овој судир, дека ни Ругова, ни Тачи, а најмалку Милошевиќ нема да управува со Косово туку дека ќе се создава сосема нов поредок. Истовремено се кооптираат сите нијанси на косовската политичка реалност во Косовскиот преоден совет (Kosovo Transition Council). Но затоа што е невозможно целосно да се избрише историјата, УНМИК мора да се потпре на веќе воспоставените урнеци на живеењето. Па така, УНМИК целосно ги презема административните, културните, образовните, здравствените и социјалните установи на „Република Косово“ како столб на дотогашниот живот на косовските Албанци. Истовремено, некогашното УЧК стана јадро на Косовскиот заштитен корпус по демилитаризацијата (или „демилитаризацијата“) на герилата со цел да се овозможи премин на некогашните бунтовници кон граѓани вклучени во редовниот политички, економски и културен живот на Косово.
Токму затоа 1999 година претставуваше вистинска „точка нула“ за Косово, споредлива со новиот почеток на Германија по 1945 година. Не беше обновена автономната покраина Косово, што би подразбирало институционален континуитет со југословенскиот поредок и макар формално зачувување на српскиот суверенитет врз покраината во духот на Резолуцијата 1244. Не беше ниту вратена во живот „Република Косово“ на Ругова како државна наследничка на паралелниот систем изграден во текот на деведесеттите години. Но ниту УЧК и нејзината привремена влада добија право сопствениот воен легитимитет автоматски да го претворат во државна власт. Наместо реставрација на претходниот поредок или триумф на една од спротивставените албански политички визии, меѓународната управа создаде сосема нов институционален модел. Новото Косово не беше ниту Косово на Милошевиќ, ниту Косово на Ругова, ниту Косово на Тачи. Тоа беше Косово на УНМИК.
Политичката борба на Косово повеќе не се водеше меѓу Белград и Приштина. Таа се пресели во рамките на самото албанско политичко ткиво и стана борба за тоа кој ќе биде наследник на косовската кауза, кој ќе зборува во име на косовските Албанци и кој ќе го предводи албанскиот политички простор во земјите на поранешна Југославија. Токму овој судир ќе ги исцрта длабоките расцепи на косовската политичка сцена во следната деценија. Уште поважно, тој ќе ги надмине границите на Косово и ќе се прелее кон Прешевската Долина и Македонија, отворајќи го последното крваво поглавје од војните за југословенското наследство.

Косово веќе беше своевиден „Пиемонт“ за Албанците во поранешна Југославија, било буквално разбрано било разбрано како интелектуален културен центар. Во предвечерието на распадот на Југославија, Демократскиот сојуз на Косово се наметна како највлијателно политичко тело на Албанците во федерацијата и централна оска околу која гравитираше албанското движење. Интелектуалците од нивните редови ја разработија националната стратегија на Албанците во Југославија, изложена во Декларацијата на Координативниот совет на албанските политички партии во Југославија од 11 октомври 1991 година. Во случај на зачувување на постојните граници, албанското национално движење требаше да се развива како полицентрично движење, со различни политички барања и стратегии во секоја од републиките и покраините во кои Албанците живееја како автохтон народ. Во таа варијанта, Косово требаше да стане република, односно независна држава во услови на распад на Југославија, додека Албанците во Македонија, Србија и во Црна Гора требаше да добијат статус на конститутивен народ и да ги добијат сите права што произлегуваат од таквата уставна положба што на крајот и се одигра на историската сцена. Втората опција на албанското движење би била создавање етничка албанска република во поранешна Југославија, составена од сите области каде што Албанците се мнозинство, доколку дојде до промена на внатрешните граници во Југославија по етнички принцип, а третата опција би била плебисцит за обединување на сите албански територии од Балканот во една држава. Ова координативно тело ќе одигра огромна улога во зачувување на мирот на овие простори кога Фрањо Туѓман ќе се обиде да ги наговори Албанците на заедничка борба против ЈНА на почетокот на војните за југословенското наследство. Учеството на ПДП и НДП во работата на Координативниот совет и нивниот потпис под неговите декларации ќе се наднесе како тежок и темен облак врз македонско-албанските односи. Во македонската јавност тоа ќе поттикне сомнежи за постоење двојни политички агенди во момент кога Македонија се соочуваше со неизвесноста од распадот на Југославија, грчкото оспорување на нејзината државност и бугарските посегања кон македонскиот национален идентитет. Парадоксално, токму ДСК, која често беше обвинувана за албански национализам и иредентизам, ги обесхрабруваше Албанците во Македонија, Србија и во Црна Гора да формираат ограноци на партијата и ги поттикнуваше да создаваат сопствени политички организации, приспособени на условите во државите во кои живееја. Сепак, ДСК и „Република Косово“ ќе создадат јазичен и политички простор каде што ќе доаѓа до размена на идеи, но и на тактики, стратегии и организициски форми на политичката борба на Албанците од поранешна Југославија.

Зацртаниот пат на ненасилство, исто така, битно ќе влијае на развојот на состојбите во Македонија, Црна Гора и во Централна Србија, но и на легитимитетот на косовското движење пред меѓународната заедница. Прашањето повеќе не беше дали Косово ќе остане Пиемонт на Албанците во поранешна Југославија. Тоа веќе беше неоспорно. Вистинското прашање беше кој ќе зборува во името на тој Пиемонт, кој ќе го наследи политичкиот капитал што ДСК го создаваше цела една деценија и кој ќе ја диктира идната насока на албанското движење во регионот.
За разлика од „Република Косово“, која беше длабоко вкоренета во институциите, интелигенцијата и политичката класа создадени во рамките на САП Косово и воопшто помеѓу Албанците низ СФР Југославија, УЧК потекнуваше од поинаква политичка традиција. Нејзините корени треба да се бараат во нелегалните организации што дејствуваа во Југославија од седумдесеттите години наваму и кои во различен степен беа под влијание на енверистичката идеологија и на револуционерните концепти на национално ослободување, развиени во доцното владеење на Енвер Хоџа. Се разбира дека енверистите не се едноставно некакво „туѓо тело“ засадено од НР Албанија на територијата на СФР Југославија туку се и производ на расчекорот помеѓу стремежите и реалноста на Албанците во федерацијата. Особено погодно тло за регрутација на нови членови во овие мрежи ќе дадат настаните во деценијата помеѓу смртта на Јосип Броз Тито и распадот на Југославија. Сепак, тие до самиот крај ќе останат на маргините во политичкото движење на Албанците низ поранешна Југославија, но како влијателно малцинство. Партиите од Координативниот совет на албанските партии од Југославија ќе се оградуваат од енверистичките мрежи затоа што токму нивната иконографија, како и насилните активности ќе ја загрозуваат институционалната политичка борба во Македонија, Србија и во Црна Гора, како и политиката на ненасилен отпор на Косово. Во дијаспората, пак, енверистите ќе бидат многу помоќни отколку во матиците, како што е случајот безмалку со секое радикално националистичко движење во иселеничките заедници. УЧК нема да биде едноставен продолжеток на енверистичкото подземје, но нејзиното кадровско, организациско и идеолошко јадро во значителна мера ќе произлезе токму од тие кругови. Притоа, најзначајна улога во нивниот подем ќе имаат политичкиот неуспех на политиката на ненасилство на Ругова (или барем бавниот политичкиот процес), состојбите во Албанија по тамошниот институционален колапс во 1997 година и развојот на логистички, организациски и материјални центри за УЧК и, што е најзначајно, промената на американската политика кон Слободан Милошевиќ и кон Косово по 1997 година. УЧК од самиот почеток ја наметна вооружената борба како единствено средство за решавање на косовското прашање. Истовремено, значителен дел од нејзиното кадровско и идеолошко јадро произлегуваше од енверистичките кругови, кои решавањето на албанското национално прашање го гледаа пошироко од границите на Косово, а нивните мрежи и контакти се протегаа низ целиот албански простор на поранешна Југославија.

Така што, низ призмата на српската, македонската, црногорската и грчката јавност, УЧК најчесто беше доживувана како најнов изблик на „вечниот проект“ за политичко и територијално обединување на Албанците на Балканот, проект што во историските стравови на соседите се протегаше од Призренската лига, па сè до современоста. Токму затоа појавата на УЧК не беше доживеана само како косовски проблем, туку како можен предизвик за постојниот политички поредок во целиот албански простор на поранешна Југославија, па и пошироко. Ваквите стравувања на соседите дополнително ги поттикнуваа симболите што кружеа околу УЧК, картите на етничка Албанија што се појавуваа во дел од националистичките кругови, револуционерната митологија на енверистичкото подземје и новосоздадената патриотска музика, која често го претставуваше албанското национално прашање како единствен и неделив простор. Оттука, за соседите подемот на УЧК беше толкуван како пресериозен проблем за националната безбедност, загрозување на територијалниот интегритет и вовед во нов бран на етнички војни на Балканот. Во нивни очи прашањето не беше дали војната ќе остане ограничена само на Косово туку каде прво ќе се прелее оружениот судир.
Крајот на бомбардирањето произведе нова геополитичка реалност на Балканот, но и нова политичка динамика на самото Косово, како и помеѓу албанските заедници во другите делови од поранешна Југославија. Наместо да се стави точка на албанското прашање на просторите на поранешна Југославија, се чинеше дека косовската војна само отвора ново поглавје од една подолга и недовршена политичка приказна. За Албанците прашањата беа дали Косово ќе продолжи да биде нивен национален Пиемонт во поранешна Југославија, но и кој од двата спротивставени проекта ќе зборува во нивно име? Дали тоа ќе биде „Република Косово“, предводена од Ибрахим Ругова и неговиот ДСК, со политиката на ненасилство и постепена институционална промена, или новата генерација на УЧК, предводена од Хашим Тачи, произлезена од герилата и овенчана со митологијата на оружената борба? Одговорот на тоа прашање немаше да остане ограничен на Косово. Тој ќе почне да се одразува и во други делови од постјугословенскиот простор населени со Албанци.
Оваа реторика ќе ги засили дилемите на соседните народи и држави дали станува збор за различни концепти или, пак, само за две различни тактики со заедничката албанска национална цел, па оттаму и прашањата дали Косово претставува завршница на југословенските војни или само вовед во нивното последно поглавје. За многумина во Белград, Скопје, Подгорица и во Атина одговорот се наѕираше уште во текот на 1999 година: Прешевската Долина и северозападна Македонија претставуваа најранливите точки на постјугословенскиот простор.
Затоа вистинското наследство на косовската војна не треба да се бара само во Приштина туку и во настаните што наскоро ќе следуваат во Прешевската Долина и во Македонија. Таму, по завршувањето на војната во Косово, ќе започне следното поглавје од борбата за иднината на албанското национално движење на Балканот. Доколку Косово беше центарот на оваа преобразба, тогаш Прешевската Долина ќе стане нејзиниот прв тест.
Но за тоа во следната колумна од овој серијал.